Добро познато е дека чевлите се слабата точка речиси на секоја жена. Некои се колекционери и располагаат со стотици чифта, додека други можат да си ги задоволат само основните потреби. Без разлика во која група сме, сите се радуваме на нови чевли.
Честопати зборуваме за трендовите што се актуелни или следат, но овој пат ќе се осврнеме на трендовите низ годините.
Во галеријата погоре имате можност да видите како формата на чевлите и потпетиците се менувала низ годините.
Сепак, приказната за овој омилен моден додаток датира уште од 1500-тата година во Египет, каде се носеле потпетици, но вистинскиот тренд започнува во текот на 16-тиот век.
Чевлите со платформа со назив – „Чопини“, ги носеле проститутките во Венеција, за дополнителен секси изглед. Но, многу бргу овие високи потпетици стануваа популарни и меѓу аристократите, особено поради можноста да ги сочуваат здолништата или фустаните од валкање.
Во периодот помеѓу 1600 и 1700-тата година, чевлите на потпетици биле посебно популарни меѓу мажите. И Луј XIV (лево) бил обожавател на истите, за кои верувал дека нема потреба да бидат практични или лесни за носење.
Во викторијанскиот период пак, чизмите со потпетици биле прв избор на елегантните дами. Честопати биле и со копчиња, иако ретко кога и можеле да се видат под долгите здолништа.
Но, со почетокот на 1900-тата, работите почнуваат да се менуваат и кај облеката, но и кај чевлите со високи потпетици.
На пример, во 1921-тата година, доколку чевлите биле премногу едноставни, под колената се носеле и декоративни ластици за да се збогати изгледот на нога.
Во оваа иста декада започнува и трендот на сјајните сатенски чевли на потпетица. Ништо помалку интересни не се ниту оние изработени од брокат.
Кон крајот на декадата, се појавуваат и првите повисоки, „дебели“ потпетици.
Колекционерите за кои зборувавме претходно, постоеле дури и во текот на 1930-тите. Во 1938 година се случува историски момент во индустријата за чевли, а тоа благодарение на Салваторе Ферагамо.
Имено, таа година тој ги дизајнира обувките на висока платформа во боите на виножитото за актерката Џуди Гарланд, кои подоцна ќе доживеат повеќе трансформации, а особено во 1970-тите.
А кога сме кај платоформата, иако и денес се популарни, првото појавување на ваквите обувки се случува токму во 1939 година.
Со почетокот на 1940-тите, почнува и производството на обувки на висока потпетица со ременчиња, односно на сандалите. Панделките се чест украс, а во 1947 година, Салваторе Ферагамо прави уште еден пресврт создавајќи ја неговата „Невидлива потпетица“
Акцент на женственоста се става и во текот на 1950-тите. Ава Гарднер се појави во чевли со висока потпетица ременче околу глуждот, што беа вистински бум, а и Мерилин Монро ги популаризираше транспарентните потпетици.
Не може да не се споменат и чевлите со пеперутки што ги дизајнираше Роџер Вивер за „Диор“, а кои исто така, добија свое место и во декадите што следат.
Следната декада, 1960-тите се време кога чевлите мораа да бидат во иста нијанса со облеката.
Во 1960-тите Твиги носеше металик чевли, што ќе ги гледаме и две децении подоцна, а кон крајот на оваа декада повторно се појавуваат платформите, како најава за „слободните“ 1970-ти.
Џејн Биркин во 1973 година ги носеше секси црвените чевли на платформа, а во истава декада се појавија и чевлите на врзување, особено актуелни и денес.
Кон крајот на 1970-тите, поточно во 1977 се појавија и чевлите со диско-гламур, најавувајќи ја диско ерата во 1980т-тите. Но, крајот на оваа декада го означија и црвените чевли со панделка на Ферагамо, како и трендот на ПВЦ облека и обувки.
Со почетокот на 1980-тите, почнува и ерата на неонските обувки, како и принтовите. Ако претходно требаше да се усогласат боите на чевлите и облеката, сега требаше да сѐ усогласи целиот изглед, односно и принтовите.
Принцезата Дајана беше успешна во изнесување на овој тренд, кој продолжи и во почетокот на 1990-тите.
Ако мислевте дека платформите од 1970-тите се високи, тогаш дефинитивно не сте ги виделе оние што Вивиен Вествуд ги презентираше во 1993 година, кои не можеше да ги изнесе ниту Наоми Кембел.
А во модниот свет се случи револуција на ова поле и со спојувањето на Кејт Мос и Келвин Клајн во промоцијата на минималистичките сандали, можеби и најдоброто нешто до 1990-тите.
Со доаѓањето на 2000-тата, на модната сцена дојдоа и шпицестите обувки на висока потпетица, што се носеа речиси на сѐ. Но, оваа декада ќе ја одбележи појавувањето на моделите на Маноло Бланик, особено со помош на „Сексот и градот“ и Кери Бредшо. Во 2008 година сите невести ги посакуваа сините сатенски чевли од овој дизајнер, како „нешто сино“ што би го носеле на денот на свадбата.
Но, Маноло добива конкуренција и тоа од Кристијан Лубутан, кој следната година ги лансира црните стилето чевли со црвен ѓон.
Во последните пет години, дел од најпосакуваните обувки беа оние без потпетица. Поточно, во 2012 година на ова поле царуваа патиките на Изабел Марант, кои доживеаја и бројни копии.
Но, ништо помалку посакувани и обожувани не беше ниту моделот Rosckstud, од модната куќа „Валентино“.
Оваа сезона повторно се враќаме кон „дебелите“ потпетици и кадифето.