Водејќи се од легендарната изјава на култната модна икона на сите времиња Мерилин Монро: „Ако и ги дадете на една жена вистинскиот пар чевли, таа ќе го освои светот“, Сара Џесика Паркер владее со најраскошното кралство на чевли во модната индустрија.

Актерката, која својата слава ја стекна со легендарната улога на новинарката Кери Бредшо во популарниот серијал „Сексот и градот “, Сара Џесика Паркер е ѕвезда во последниот број на арапското издание на магазинот Harper’s Bazaar. Според модната критика поголеми ѕвезди од самата Паркер се само нејзините чевли. Моделите кои актерката ги дизајнираше веќе го освоија западниот пазар, а се на добар пат да го освојат и остатокот од светот.

Познатата американска актерка и интернационална стилска икона ги здружи силите со модниот бренд Маноло Бланик, а со својата колекција чевли дебитираше на почетокот на оваа година, на општо задоволство на сите нејзини обожаватели.

Линијата која вклучува класични модели салонки во жив колорит, буквално ги освои дамите ширум светот, што беше доволен стимул за Паркер набрзо да ја лансира и колекцијата свадбени обувки. Но тоа не беше сè. Креативниот набој на Сара Џесика Паркер кулминираше со колекцијата чанти и балонери кои набрзо станаа омилен моден додаток на голем број трендсетерки.

Своето мало модно кралство, актерката го претставува во арапското издание на магазинот Harper’s Bazaar, позирајќи во раскошни дизајнерски креации од кутур колекциите во комбинација со нејзините шик и елегантни модели чевли на високи потпетици.

Објавено:
28 ноември 2014
Категорија: 
Модни додатоци