Aлекса Чанг дизајнираше џинс колекција

16 јануари 2015

Во продажба официјално вчера беше пуштена новата колекција облека, креирана од британската „it“девојка и ТВ презентерка Алекса Чанг, за џинс брендот AG. Дел од модните парчиња беа распродадени за само четири часа. Трендесетерките беа воодушевени од фустаните, здолништата и фармерките во вообичаената сина боја, но и оние во беж нијанси.

Колекцијата што Алекса Чанг за дизајнираше за AG од самиот почеток беше „осудена“ да биде вистински хит, бидејќи Чанг има еден посебен сензибилитет кога станува збор за модата и успешно го имплементира во креациите кои презентираат опуштен, трендовски, урбан и модерен чекор.

Линијата потпишана од Алекса Чанг, вбројува дваесетина модели: тексас фустани со различни должини и силуети, панталони  од тексас, здолништа, дуксери...Поради фактот што новата колекција е комплетно олицетворение на вистинскиот стил на Чанг со винтиџ примеси, сосема очекувано е што самата Алекса се појави како заштитно лице во рекламната кампања.

Кога Чанг се согласи да соработува со џинс брендот AG, отпатува во Лос Анџелес каде што е лоцирано главното седиште на компанијата.

„Ова патување беше мошне инспиративно за мене, имав можност да научам многу за џинсот како материјал, а потоа уживав во процесот на креирање. Линијата е инспирирана од естетиката на моделите кои доминираа во доцните 1960 – ти и рани 1970 – ти“, вели Чанг во официјалното соопштение до медиумите.

Објавено:
16 јануари 2015
Категорија: 
Сцена