Протестот против сексуалното злоставување на жените што започна во форма на црн дрес код на Златните глобуси, продолжи и на црвениот килим на вчера одржаните, престижни британски филмски награди, BAFTA.
Со исклучок на неколку јавни личности, меѓу кои и Кејт Мидлтон, најголем дел од ѕвездите што се појавија на црвениот килим го испочитуваа „црниот" дрес код со што повторно гласно ги подржаа движењата Time's Up и Me Too, кои имаат за цел да се подигне свеста и борбата против сексуалното злоставување на жените на работното место.
Меѓу актерките кои најмногу го привлекоа вниманието на црвениот килим, беше Анџелина Џоли која одбра елегантен макси црн фустан, во стилот на „стариот Холивуд", од Ралф и Русо.
Лупита Нјонго исто така беше меѓу стилски најтарактивните актерки во впечатлив црн фустан од Ели Саб, додека пак Маргот Роби која медиумите ја издвоија како една од топ 3 најдобро облечени актерки, одбра креација на Живанши.
Во официјалниот дел, триумфираше филмот „Three Billboards Outside Ebbing, Missouri" кој освои најмногу награди, меѓу кои и наградата за Најдобар филм, а Френсис МекДорманд која ја толкува главната улога во филмот, ја освои наградата во категоријата Најдобра актерка.
Гери Олдман за улогата на британскиот премиер Винстон Черчил, во филмот „Darkest Hour", ја освои статуетката за Најдобар актер.
Меѓу најнаградените филмови беше и „The Shape of Water" кој освои три награди, вклучително и за Најдобар режисер, за Гилермо Дел Торо.
Проследете каков беше амбиентот на црвениот килим низ фотографиите во продолжение...
Фото извор: Getty images