Во Калифорнија викендов по 25-ти пат беа одржани „Critics Choice Awards“. Критиката ги одбра најдобрите остварувања и актери.

Со награда дома си заминаа Хоакин Феникс за најдобар актер, Рене Зелвегер за најдобра актерка, Квентин Тарантино за најдобро сценарио за филмот „Си беше еднаш во Холивуд“, кој е прогласен и за најдобро остварување.

Лора Дерн ја доби наградата за најдобра споредна улога, додека Бред Пит е добитникот на истата награда само во машка категорија.

Комплетната листа на наградени можете да ја видите ТУКА.

Што се однесува до црвениот килим, кој всушност на манифестацијата е син, изобилуваше со фантастични креации.

За разлика од друг пат или некои други манифестации, црните нијанси беа реткост, а предност им се даде на оние во интензивни бои и металик сјај, тренд што го забележавме и на „Златните глобуси“.

Така, Шарлиз Терон се појави во фантастичен сребрен фустан со металик сјај, кој е специјално за неа изработен од модната куќа „Селин“. Актерката го усогласи со црно долго палто и заслужено е на листата на најдобро облечени ѕвезди вечерта.

За металик фустан се одлучи и прекрасната Ен Хатавеј, која носеше креација на „Версаче“. Само месец дена  по породувањето, актерката покажа дека изгледа прекрасно и совршено ги носи облините.

Оливија Вајлд носеше фустан што дефинитивно би сакале да го имаме во гардероберот. Се работи за креација на „Валентино“ во корална нијанса. Ракавите се волуменозни, во горниот дел е со длабоко деколте, додека долниот дел од фустанот е со фалти. Совршен избор!

Лупита Нјонго го привлече вниманието во фустан со потпис на Мајкл Корс. Таа одбра креација во нијанса слична на нејзината кожа. Здолништето е широко, додека горниот дел ја следи линијата на телото, изработен е од кожа и ги истакнува рамениците.

Зендаја пак, се појави во впечатлива креација од Том Форд. Се работи за топ и здолниште, но горниот дел е направен така што имате впечаток дека е лиен, а не шиен. Како актерката да има само разлиена боја на неа, а во комбинација со широко макси здолниште.

Келти Најт го носеше најпосакуваниот фустан од H&M во соработка со Џамбатиста Вали, само во розова нијанса.

Од црни креации би го издвоиле фантастичниот фустан што го носеше Рене Зелвегер, а со потпис на Диор. Едноставен, а сепак со специфични детали во делот на половината, од кој сфаќате дека и не е така едноставна креација.

Популарната актерка пак Менди Мур, се одлучи да оди на сигурно со боја, но тоа да не е фустан, туку комбинезон. Таа носеше креација на Ели Сааб, при што горниот дел е корсет, украсен со синџири, а одозгора носи и мала  пелерина, која одлично ѝ прилега.

Како изгледаа останатите на црниот килим и чии креации носеа, погледнете во галеријата на почетокот од текстот.

Објавено:
13 јануари 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.080 пати