Домот на популарната актерка Џенифер Анистон која сите ја познаваме по легендарната улога на Рејчел во мега серијата „Пријатели“ и како поранешна љубов на големиот заводник Бред Пит, се наоѓа во преубавата населба Беверли Хилс и претставува спој на модерен ентериер, зачинет со уметнички декоративни украси целосно инспирирани од природата. Зградата каде што е лоциран нејзиниот дом датира од ’70-тите години на минатиот век, а порано таму живеел архитектот Харолд В. Левит.
„Овој дом во себе ги носи љубовните вибрации и во него е вплетена неверојатната позитивна енергија која што за мене претставува вистински мелем. Благодарна сум му на целиот тим кој што повеќе од две години работеше на сите детали за комплетна реализација на овој проект“ изјави Анистон во интервјуто за списанието Architecture Design.
Станува збор за исклучително простран и светол дом. Просторот зрачи со тропски амбиент и во себе го крие духот на Бали омилената земја за одмор на Џенифер, но се чувствува и енергичното влијание на зен филозофијата. Ефектот домашното уредување да оддава чувство на тишина и комфор е целосно постигнат со спојот на меката светлина, свежото струење на воздухот, креирањето на пространост, смирен тоналитет и домашни цвеќиња. Употребата на природните материјали како дрво, камен и кожа придонесуваат за уште попријатно расположение.
Мошне импресивен е влезот, бидејќи под патеката на коридорот има вметнато водно пространство. Впечатлива е и отворената голема тераса што одлично се вклопува со домашниот амбиент, а е дополнително украсена со камин, меки фотелји и има прекрасен поглед кон базенот и градината. Цело е кога има сè, а Џенифер Анистон дефинитивно има и многу повеќе.