Ѕирнете во најелитниот холивудски магацин

1 октомври 2013

И холивудската елита има проблеми со недостаток на место за чување на своите скапоцени парчиња облека, па поради тоа голем дел од ѕвездите се одлучуваат да си закупат свој простор во специјализирани магацини, каде плаќаат кирија во висина од 4200 долари годишно.

Магацинот од 15.000 квадратни метри се наоѓа на Лонг Ајленд. Надворешно изгледа како и секој друг магацин, но внатре претставува дом кој ја чува најскапата облека, на најпознатите ѕвезди во светот.

Во внатрешноста на овој магацин  има контролна кутија за температура каде облеката се чува складирана во посебни пластични футролни ќеси, со цел нејзина подобра заштита.

 

 

„Џиновската“ просторија од подот до таванот е исполнета со најскапите дизајнерски тоалети, фустани, крзнени капути, скапоцени чанти и други предмети кои славните холивудски диви и америчката финансиска елита ги сметаат за свои драгоцености.

Овде Оскар де ла Рента ја чува својата архива која ги содржи сите негови колекции од 1965 година, Иванка Трамп овде ги чува некои од своите најлуксузни крзна, а Гвинет Палтроу пак, овде ги складира своите најскапи тоалети со кои се има појавувано на црвениот тепих.

После овој податок логично е обезбедувањето на ова складиште да биде на највисоко можно ниво, а при ангажирање на нови работници, тие кои ќе бидат селектирани да работат таму потпишуваат и посебна клаузула во договорот за вработување со која се обврзуваат на тајност, како би се обезбедила дискрецијата на најелитните, славни ѕвезди.

 

 

„Кога би ви ги открил имињата на клиентите, сигурен сум дека ќе ви падне вилицата. Работиме и соработуваме исклучиво со ѕвезди од А листата, а исто така кај нас својата облека ја чуваат и многу членови на европските кралски семејства“, изјави Даг Гримберг, кој е менаџер на овој склад.

Во магацинот се наоѓаат повеќе од 30.000 скапоцени предмети и облека. Кога ќе ги донесат, прво детално се прегледуваат и се стерилизираат, па се фотографираат и се пакуваат во одделот кој му припаѓа на нивниот сопственик. Секој сопственик има виртуелен пристап во базата на податоци, па така на лесен начин може да види што се има во својот „плакар“.

Кога ќе дојде до некоја изненадна забава или конференција за новинари од повисоко ниво, компанијата која управува со складот, гарантира испорака на облеката или предметот уште истиот ден. Исто така компанијата која го поседува складот, им овозможува на своите клиенти од Европа да патуваат без багаж, бидејќи тој ќе ги чека во хотелот каде тие имаат резервирано.

 

 

„На нашите клиенти овој момент посебно им се допаѓа и често се случува да ни се јават пред да треба некаде да отпатуваат и ни даваат податоци за тоа во кој хотел ќе одседнат и која гардероба има треба, за да можеме ние да се погрижиме сето ова да им го овозможиме. Облеката ги чека чиста, испеглана и спремна за носење. Кој пробал да соработува со нас, не се откажува, бидејќи никој не го сака процесот на распакување, пеглање, перење. Тие се ѕвезди, па со оглед на тој факт се и премногу префинети за да се занимаат со вакви условно кажано „домашни“обврски“, заклучува Гринберг.

И за крај, за да бидете почесен клиент на ова луксузно складиште, морате да го изнајмите најмалиот оддел кој е доволен за да собере 10 парчиња облека, 10 пара чевли и една кутија со накит, а овој луксуз ќе ве чини само 2400 долари годишно.

Објавено:
1 октомври 2013
Категорија: 
Сцена