Ѕвездата без шминка – роденденска ретроспектива на стилот на Алиша Кис

25 јануари 2022

Таа е првата пејачка која успеа да освои пет Греми награди одеднаш по реализацијата на нејзиниот деби албум „Songs in a mirror" во кој е вклучена и сега веќе легендарната „Fallin" од 2001 година. Алиша Кис го осови музичкиот свет од прва и до денес нејзиното присуство е силно и влијателно во континуитет.

Во 2014 година ја освои 15-тата Греми статуетка за најдобар албум за „Girl on fire", а во низата успешни соработки ја создаде и модерната химна за Њујорк заедно со Џеј З, „Empire state of mind".
Покрај успехот на нејзиното матично поле, Алиша е супер интересен лик и од моден аспект. Се појави со плетенки, шешир и впечатлив накит и тоа остана нејзина препознатливост, која многумина ја следеа и се обидуваа да ја копираат.

Во 2016-та година се откажа од шминка. Се разбира не целосно и буквално, но Кис реши дека со ослободувањето од шминка се ослободува себеси, како форма да покаже дека сите живееме под голем притисок од општествеото, секојдневието и од големите очекувања. Па нејзиниот #nomakeuplook беше еден начин на отпор кон сите ограничувања, иако во една прилика ќе каже дека сака шминка и всушност порано била и зависна од неа.

Нејзиниот имиџ е слика на уметник кој не е оптеретен од трендовите. Затоа секогаш е уникатна и своја, не секогаш типична за црвениот холивудски килим.

Денеска го прославува 41-от роденден, а тоа беше и повод да направиме ретроспективна галерија со 41 изглед низ нејзината кариера од почетоците до денес.

 

Објавено:
25 јануари 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
238 пати
Тагови: 
Алиша Кис