Ема Стоун и Бјанка Балти импресионираа на црвениот килим на Венецискиот филмски фестивал

1 септември 2016

Вчеравечер се отвори 73. издание на престижниот Венециски филмски фестивал, со проекцијата на американскиот мјузикл „La La Land" на Демијан Чензел, со Ема Стоун и Рајан Гослинг во главните улоги.

Поради трагичниот земјотрес што неодамна ја погоди Италија, беше откажана традиционалната гала вечера, па првиот ден на фестивалот помина во знак на сочувство кон настраданите семејства.

Вообичаено гламурот доминираше на црвениот килим, па покрај ѕвездата на вечерта, Ема Стоун, стилски импресионираше и убавата Бјанка Балти.

Во главната конкуренција на најстариот филмски фестивал во светот, ќе биде прикажан и филмот на Теренс Малик „Voyage of Time", документарец за вселената, во кој наратор е Кејт Бланшет, а потоа трилерот на модниот дизајнер Том Форд „Nocturnal Animals". Во конкренција е и „Jackie", биографски филм за Џеки Кенеди, која ја глуми Натали Портман, потоа „On the Milky Road" на Емир Кустурица со Моника Белучи, како и „Paradise" на Андреј Кончаловски.

Деветчленото жири го предводи британскиот режисер Сем Мендес, а одлуката за наградите ќе биде објавена на последниот ден од фестивалот, на 10 септември.

Објавено:
1 септември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.451 пати