Викендов во Лос Анџелес се одржаа LA Fashion Awards каде славните девојки имаа можност да блеснат во инспиративни креации за кои сме сигурни дека ќе ги обожавате оваа пролет.
Најголем впечаток дефинитивно остави прекрасната Џиџи Хадид која ги предводеше дамите во бело на церемонијата, одбирајќи секси креација од колекцијата на Yanina Couture.
На црвениот килим таа се појави со нејзината мајка Јоланда Фостер и помладиот брат Анвар, за да ја поддржат прекрасната Бела Хадид која дома си замина со наградата за најдобар модел за изминатата година.
Вистинска убавица во бело беше единствената Џенифер Лопез која за настанот одбра неверојатна креација со должина до под колената, комбинирана со стилска фризура и шминка и високи бели потпетици.
Она што можеше да се забележи кај сите девојки беше внимателно одбраниот накит, а тие ја најавија пролетта со неодоливи парчиња во златни нијанси.
Секогаш стилска беше и уникатната Рејчел Зое која исто така одбра бела комбинација составена од ултра широки панталони и долго бело палто со интересен ремен на средината. Комбинацијата таа ја заокружи со впечатлив ѓердан во златна нијанса со што уште еднаш докажа дека дефинитивно таа ќе биде бојата што ќе ја обожаваме следната сезона.
Кога сме кај накитот, наградата за најдобра дизајнерка на модни додатоци ја доби сопругата на актерот Тоби Мегвајер, Џенифер Мејер која е една од најбараните во Холивуд.
Наградата за најдобар дизајнер ја доби Брендон Максвел чии креации се дел од плакарот на секоја стилска девојка.
Дел од манифестацијата беше и Карин Ројтфилд чиј магазин CR Fashion Book доби награда за најдобар за изминатата година.
Сосема заслужено и очекувано, наградата за модна икона ја доби единствениот Карл Лагерфелд, додека оние за најдобри стилисти на ѕвездите за изминатата година отидоа во рацете на Роб Зангарди и Мариел Хан.
Погледнете ги најдобрите комбинации на познатите девојки кои беа дел од годинешните ЛА модни награди.