(Галерија) Доделени CFDA наградите, Серена Вилијамс избрана за икона на стилот

7 ноември 2023

Њујорк вчера беше местото каде се собра модниот и холивудски крем на свеченото доделување на CFDA наградите или познати уште како модни оскари.

Водителка на настанот посветен на американските модни дизајнери беше актерката Ен Хатавеј, која и самата важи за модна икона.

Ова е прво доделување на награди откако претседателската функција ја има дизајнерот Том Браун којшто годинава и самиот беше номиниран.

Доделувањето се случуваше во Американскиот музеј за национална историја.

Посебна гостина на настанот беше светски познатата тенисерка Серена Вилијамс на која и беше врачено признанието за икона на стилот.

Сепак оваа награда наиде на негативна критика од јавноста, а коментарите беа дека има многу други жени кои повеќе ја заслужуваат.

Посебна награда за животно постигнување доби легендарната Вера Ванг, додека наградата за иновација во индустријата и припадна на Гвинет Полтроу за брендот Goop.

Џонатан Андерсон за закити со признанието интернационален дизајнер, а сестрите Олсен за нивниот бренд (The Row) добија награда за најдобри дизајнерки за модни додатоци.

Прилично импресивен беше и црвениот тепих, на којшто продефилираа голем број на ѕвезди од различни индустрии.

Од Марта Стујарт и Мери Џеј Блајџ, па сè до Деми Мур и Наоми Вотс сите присутни се покажаа во импресивни модни изданија.

Доминираа неизбежните светкави тоалети, црната боја во форма на костими и фустани, монохроматски стајлинзи и мал број изданија во боја и принтови.

Фото:Vogue/Getty

Објавено:
7 ноември 2023
Категорија: 
Сцена