Гвен Стефани со нови ангажмани на професионален план

8 јули 2014

Фронтменот на групата „No Doubt“ стана судија на шоуот „The Voice“ заедно со Фарел Вилијамс, Адам Левин и кантри ѕвездата Блејк Шелтон, а  во меѓувреме спреми нова колекција за брендот Hanky Panky и нови песни. Во однос на соработката со тројцата пејачи, Гвен е воодушевена од спојот на различни енергии и карактери, а најави и заеднички проект со Адам Левин. Како што и претходно има изјавено, таа е воодушевена од Фарел Вилијамс, кого го смета за исклучително талентиран и инспиративен музичар. Во однос на новата улога во шоуто, Гвен понудата ја добила кратко по породувањето со третото дете и за неа ќе биде голем предизвик да запознае нови таленти, особено оние кои со своите музички видеа на Youtube успеаа да го привлечат светското внимание со феноменалните гласовни способности.

По искуството кое го стекна со основање на сопствениот бренд L.A.M.B, Гвен Стефани е спремна за проширување на работата во повеќе категории, а секако тука е и соработката со еден од нејзините најомилени брендови Hanky Panky, во врска со новата линија долна облека која е креирана според стилот кој таа го негува и принтовите кои се ин на модната сцена. Новитет на овој план е враќањето на модната недела во Њујорк. Пејачката претходно го откажуваше претставувањето со модна ревија бидејќи не сакаше да го пропушти првиот училишен ден на своите деца, но сега веќе изменетиот распоред и дозволува да направи баланс во однос на приватните обврски.

Објавено:
8 јули 2014
Категорија: 
Сцена