Изминатиов викенд, покрај тоа што се одржаа SAG наградите каде се појави буквално целата холивудска актерска елита, се случи и одличниот Sundance фестивал во прекрасната Јута.
На црвениот килим на фестивалот се појавија одбрани актери меѓу кои и Бред Пит, Никол Кидман, Лена Данам, Рајан Рејнолдс, сите во совршено лежерни комбинации.
Најголем впечаток што се однесува до модата на годинешниот Sundance, дефинитивно повторно остави единствената Никол Кидман која одбра комбинација од пред есенската колекција на Мајкл Корс.
Истата беше составена од тенко црно џемперче целосно украсено со ситни бисери во комбинација со шик панталони од твид со црни точки низ површината.
Таа изгледаше тотално „Валентино“ со тоа што под џемперчето одбра бела кошулка со јаки, а особено впечатливи беа и лакираните црни чевли со панделка.
Како и секогаш, таа изгледаше неверојатно аристократски со нежната шминка и фризура и блескавата насмевка со која зрачеше.
Се чини на годинешното издание, сите сакаа да уживаат во одличните премиери што се случија во едноставни и неверојатно удобни стајлинзи, па така големите ѕвезди можевме да ги видиме во фармерки, лежерни фустанчиња, џемперчиња и минималистички палта.
Сосема очекувано, на годинешното издание се случија многу премиери меѓу кои и онаа на одличната драма Бруклин, но и Knock Knock со Киану Ривс во главната улога.
Како одлична се покажа и премиерата на Strangerland со Никол Кидман и Џозеф Фајнс во главните улоги.
Според прикажаното, февруари дефинитивно ќе биде месец на одлични филмови и уживање!
Во продолжение, погледнете како изгледаа ѕвездите на фестивалот.