Модното богатство кое се крие во плакарот на Ники Хилтон

25 август 2014

Nicky_Hilton_Shot-002_4

На јавноста и е позната како помалата сестра на Парис Хилтон и како резултат на славата која ја ужива  нејзината сестра, Ники Хилтон некако постојано беше во втор план. Она што сигурно не сте го знаеле за оваа млада и неверојатно слатка и паметна девојка е дека таа успешно го води бизнисот што нејзиниот дедо и го остави во наследство. И додека Парис постојано се забавува и купува облеки за нејзините домашни миленици, Ники сосема сигурно гради успешна кариера како млад претприемач, а во поново време почнува да „плива“ и во дизајнерските води.

Инспирацијата да се занимава со мода најверојатно потекнува од нејзината опсесија за поседување скапи и луксузни парчиња облека, но и модни додатоци. За да ви ја доловиме одблиску прекрасната личност на една од најбогатите наследнички во Холивуд, Ники Хилтон, денес ќе ви приредиме вистинска модна разгледница на нејзиниот плакар.

„Мојата најголема слабост се чевлите, впрочем тоа е фетиш на голем број жени и сметам дека е сосема правилно. Она што отсекогаш сум го сакала тоа се парчиња облека а и модни додатоци кои на себе имаат леопардов принт“, открива младата наследничка.

Следствено на горе наведеното, најголем впечаток во гардероберот на Ники оставаат големите полици со чевли потпишани од голем број на дизајнерски имиња од кои таа вели дека за неа најудобни и најубави и се оние  што ги дизајнираат Кристијан Лубутан и Азедин Алаја. Домашниот ентериер на украси со романтичен изглед како и садовите во кујната се специјално дизајнирани од Ермес и Ники секоја сезона менува дел од нив за да биде во тек со најновите трендови. „Старите“ елементи не ги фрла туку внимателно ги чува за да ги остави во наследство на своите деца. Нејзина омилена модна икона е Мерилин Монро од која таа има закачено портрет во собата со огромниот гардеробер.

Од приложените парчиња можеме да видиме дека Ники нема строги стилски насоки. Таа ја следи модата, па во контекст на тоа, но и во зависност од приликата можеме да ја видиме како комбинира, нежни фустани, рок и панк парчиња, кежуал комбинации но и моќни елегантни креации.

„Придржувајте се кон класиката. Мој совет ви е дома да поседувате едно класично црно сако кое буквално ќе го комбинирате со се, пар фармерки кои одлично се вклопуваат со вашата фигура и стил, бела кошула за беспрекорност, црн едноставен коктел фустан и црни чевли на потпетица“, вели Хилтон.

Таа дефинитивно се сложува со фамозната изјава на Мерлинка дека „Дијамантите се најдобриот пријател на секоја жена“, па затоа носи исклучиво специјално дизајнирани парчиња накит, најчесто дизајнирани и стилизирани од модната куќа Шанел. Долче и Габана, Балман, Ланвин, Ив Сен Лоран, Баленсијага, Луј Витон, Гучи, Москино, Критијан Диор, Џамбатиста Вали, Клое, Роберто Кавали и Александар Меквин се само дел од еминентните имиња кои го сочинуваат модното кралство на оваа шармантна девојка.

Погледнете ги фотографиите и оставете тие сами да ви ја раскажат модната приказна на Ники Хилтон.

 

Објавено:
25 август 2014
Категорија: 
Сцена