Се чини дека вчеравечер во Севиља се случи женска вечер, откако Дуа Липа и Росалиа блеснаа на сцената на MTV EMA 2019 и ја кренаа публиката на нозе.
Двете ултра популарни дами имаа настапи за паметење, изведувајќи ги нивните нови песни кои публиката ги пееше во еден глас.
Особен впечаток остави настапот на Дуа Липа која на сцената во Севиља се појави во секси црно боди со откриени делови, додека сите останати танчари носеа жолти костими за совршен контраст.
Станува збор за првата песна од новиот, четврти по ред албум на пејачката од Косово која за многу кратко создаде блескава кариера почитувана низ целиот свет.
Очекувано, публиката „полуде“ кога на сцената се појави Росалиа, новата ѕвезда број еден со потекло од Шпанија која ја изведе „Di Mi Nombre“ во друштво на 52 фламенко танчари кои направи неверојатна атмосфера.
Шпанската сензација дома си замина со наградата за најдобра соработка со раперот Џеј Балвин за песната „Con Altura“, додека главните награди отидоа во рацете на некои од најпознатите американски изведувачи.
Голем дел од нив не беа присутни, па на обожавателите им се обратија преку снимена видео порака. Тејлор Свифт ја доби наградата за најдобро видео за песната „MЕ!“ и наградата за најдобар американски изведувач, Ники Минаж е најдобар хип – хоп артист за изминатата година, Мартин Гарикс, најдобар електронски, а Били Ајлиш ја има најдобрата песна „Bad Guy“ и воедно е најдобар млад изведувач.
Една од најважните награди, онаа за најдобар поп изведувач, отиде во рацете на младата и популарна пејачка Халси која беше во тесна трка со Аријана Гранде.
Наградата ѝ ја врачи Никол Шерцингер, а пејачката видно возбудена изјави дека е пресреќна што има можност да создава поп музика, нешто што е толку посебно за неа.
Подеднакво добри настапи имаа и младата пејачка Ава Макс и Мејбл, кои беа уште две дами кои доминираа на годинешните MTV EMA.
Она што беше за паметење е секако настапот на корејската група NCT 127 како едни од најпопуларните изведувачи во моментот, а тоа го докажува и фактот што публиката ги пееше нивните песни во еден глас.
Интересен беше и моментот кога на видео бимот беше прикажан дел од концертот што некогаш ултра популарната група Green Day го имаше ден претходно во Севиља, додека крајот на шоуто беше и повеќе од спектакуларен.
Имено, фронтменот на групата Oasis, Лиам Галагер ја доби наградата за рок икона, по што изведе некои од нивните најголеми хитови и се обрати на јавноста со следниве зборови: „Им благодарам на MTV што ја препознаа мојата брилијантност“, по што наиде на воодушевување кај публиката.
Погоре, погледнете дел од атмосферата и одличните настапи што вчеравечер ѝ се случија на прекрасната Севиља.
Инфо и фото: Daily Mail, Billboard.com, Corbis/Corbis via Getty Images, Getty Images for MTV, WireImage