Музичките награди МТВ ЕМА отсекогаш важеле за едни од омилените светски настани бидејќи токму таму можевме да видиме некои од најголемите ѕвезди во беспрекорни изданија.

Оваа година, освен неколкуте познати лица кои можевме да ги видиме на црвениот килим кога станува збор за музички ѕвезди, доделувањето на наградите помина во знакот на кичот и на помалку познатите „ѕвезди“ од светските реални шоуа.

Сосема нормално, секоја од нив наградите ги виде како совршен момент за да се покаже во „најдобро“ и најсекси светло па така присутните беа сведоци на разголени и несоодветни креации на црвениот килим.

Како и на секое друго место, манекенките беа тие кои беа едни од главните ѕвезди, а овој пат Џордан Дан и слатката Вини Харлоу се покажаа како најдобро облечени на годинешната манифестација.

На сцената во Ротердам можевме да видиме и некои фантастични настапи на новите ѕвезди со блескава иднина меѓу кои и Зара Ларсон, The Weeknd, одличниот Бруно Марс, Џо Џонас, One Republic и други кои направија навистина добра атмосфера.

Подеднакво добри беа и светски популарните Green Day кои ги обожававме години наназад, а кои денеска имаат нов албум и одлични нови песни.

Оваа година, честа да ги води наградите и припадна на американската нова ѕвезда Биби Рекса која и не остави некој голем впечаток.

Таа се пресоблече вкупно седум пати додека беше на сцената, а имаше и неколку настапи од кои некои добри, а некои подобро и да не се случеа.

Иако меѓу добитниците, Лејди Гага и Џастин Бибер не се појавија да ги подигнат наградите, додека ѕвездите како Бијонсе и Адел кои имаа ултра успешна година, воопшто и не беа споменати, ниту пак им беше доделена награда.

Наградата за најдобро видео му припадна на The Weeknd ft.Daft Punk за песната Starboy, наградата за најдобра песна на Џастин Бибер за Sorry, најдобар женски изведувач Лејди Гага, најдобар машки вокал Шон Мендес, најдобра нова ѕвезда Зара Ларсон, најдобар електронски изведувач Мартин Гарикс, најдобар хип – хоп Дрејк, најдобар рок Колдплеј, додека наградата за музички икони сосема заслужено замина кај бендот Грин Деј.

Во галеријата погледнете како помина уште едно издание на некогаш ултра популарните МТВ ЕМА.

Објавено:
7 ноември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
381 пати