Во Билбао, Шпанија, вчеравечер се одржаа европските МТВ музички награди каде сосема очекувано, апсолутен победник на вечерта беше популарната Камила Кабејо.
Таа беше номинирана во шест категории, најмногу од сите музичари, а дома си замина со наградата за најдобар артист, најдобра песна и најдобро видео за планетарно популарната „Хавана“.
Со оглед на тоа што песните со латино призвук во моментов се исклучително популарни, воопшто не беше чудно што токму оваа девојка ги освои сите награди.
Подеднакво интересен момент беше перформансот на 52 годишната музичка дива Џенет Џексон која повторно докажа зошто е една од најдобрите танчерки и изведувачи во историјата.
Таа ја освои наградата за Глобална музичка икона, по што на сцената испеа некои од нејзините најголеми хитови, меѓу кои и дел од новиот албум.
Водителка на настанот беше младата пејачка и актерка Хајли Стенфилд која смени неколку стајлинзи кои се чини беа највпечатливи вечерта, а во еден момент се појави во бел фустан и во живо на сцената беше прскана со спреј додека таа ги најавуваше следните изведувачи.
Интересни настапи имаа и Ники Минаж, Бебе Рекса, но пејачката Халси го имаше највпечатливиот кога пееше од стаклена кутија во која врнеше дожд, со што сакаше да претстави заробено животно кое успева да се ослободи на крајот.
Другите ѕвезди на вечерта беа и Дуа Липа, популарниот диџеј Маршмело кој одби да говори кога ја прими наградата, Ники Минаж, Карди Би и сосема очекувано, музичката група по која полуде светот, BTS.
Вечерта заврши со изведбата на популарниот хит „Friends“ на диџејот и пејачката Ен Мари, како еден од најпопуларните за изминатата година.
Освен стајлинзите на водителката Хајли Стенфилд, другите дами повторно избраа полуголи и речиси невкусни комбинации по кои станаа познати ваквите настани.
Фото: Daily Mail
Извор: The Independent