На гости кај Леонардо Ди Каприо

28 февруари 2014

Актерот кој што неколку години наназад е главен фаворит за најпрестижната филмска награда „Оскар“, Леонардо Ди Каприо, се чини дека оваа година конечно ќе ја има златната статуетка во своите раце. Имено, поради тој факт, но и поради тоа што е мошне популарен, одличен професионалец и миленик особено на женската популација, одлучивме денес сите да ве прошетаме низ неговиот нов дом.

Откако, Лео одлучи да го продаде имотот на плажата во Малибу, си купи ново „катче“ во срцето на пустината Палм Спрингс, каде изгрејсонцето ги има најубавите бои на виножитото. Домот познат под псевдонимот „Архитектонски дијамант“ се протега на површина од над 5000 квадратни метри и има богата историја. Првенствено е дизајниран во 1963 година од страна на холивудскиот архитект со педигре Доналд Векслер за познатата актерка и пејачка Дина Брег во класичен стил за да изгледа како ранч од средниот век. Подоцна домот е реконструиран во модернистички дух и му е додаден уште еден кат. Прекрасната стаклена палата има шест спални соби, седум бањи, сала за вежбање, тениско игралиште, базен и неколку дневни соби.

На самиот влез во куќата има прекрасна фонтана која е осветлена и му дава доза на драматичност и нота на топлина на самиот амбиентот, пред да влезете во бајковитото кралство на Лео. Во неговата палата можеме да забележиме дека тој успешно игра со боите. Монотоноста на просторот е разбиена со мебел и ѕидови кои имаат силни бои како жолта и портокалова. На моменти има и делови од куќата каде целата површина на ѕидот е покриена со огромни уметнички дела, што тотално одговора на сензибилитетот и карактерот на актерот.

Дневната соба шири енергија во една поинаква димензија. Главниот акцент е ставен на камените столбови околу каминот во комбинација со таван изработен од махагони дрво и пространиот поглед од огромните прозорци. Сините и жолтите фотелји му даваат посебна свежина на и онака пријатниот амбиент.

Особено впечатливи се мини тревниците кои што Ди Каприо ги има низ целиот дом и совршено се вклопуваат со визијата на ентериерот. Мошне впечатливи се спалните соби бидејќи секоја е приказна сама по себе, почнувајќи од уредувањето, се до изборот на боја, изгледот на креветот, па дури и украсите. Едната е во зелена боја, другата е во црвена, една има во црно, бели и сиви тонови, а една во сина нијанса и е двокреветна соба. Просторот околу базенот е мошне простран, украсен со неверојатно удобни лежалки, огромен двор со осветлени коцки за романтично ноќно пливање. Здравиот начин на живот и спортувањето се важни сегменти од секојдневието на актерот. За тој да изгледа убаво и фит му помагаат справите во собата за вежбање, а кога времето е убаво и има гости Ди Каприо со задоволство знае да одигра добра партија тенис.

Генерално, станува збор за футуристичко здание, со модернизирани дизајни на мебел обоени со неверојатен минимализам и мошне вкусен распоред на целиот ентериер во комбинација со надворешното уредување. Вистински рај, надвор од љубопитните погледи на јавноста и нападните папарацо фотографи. Скап и луксузен избор кој што несомнено и доликува на ѕвезда од калибарот на Леонардо Ди Каприо.

Во продолжение погледнете зошто планините San Jacinto се подобра опција за живот отколку егзотичните плажи со поглед кон океан.

 

Објавено:
28 февруари 2014
Категорија: 
Сцена