Најактуелни модни едиции со кои вашето утринско кафе ќе биде уште послатко

21 февруари 2014

Да се читаат книги тоа е среќа. Тие ѕиркаат во душата и скокотливо ги откриваат најскриените фантазии на авторот. Ние имаме привилегија да отпатуваме низ времето и просторот и да и се препуштиме на сопствената имагинација во креирањето на приказната. Модните изданија се особено интересни и посакувани од страна на љубителите на книгата, дизајнерски приказни порабени со мода, стихови, прозни текстови и креативни фотографии. Во продолжение ви преставуваме листа на десет актуелно најчитани модни едиции, кои што квалитетно ќе ви го пополнат секојдневието и ќе направат утринското кафе да ви биде уште послатко, барем додека сонцето се уште срамежливо ѕирка низ облаците.

Avedon Woman

Книга во која е  раскажана  60 годишната кариера на најголемиот моден фотограф Ричард Аведон. Бескраен уметнички спектар  на визии, изгледи, портрети и убави жени.

Art & Sole

Книгата на Џејн Вајтцман е своевиден омаж на 150 фантастични модели на обувки изработени од најнеобични комбинации на материјали, во неверојатно уметнички и несекојдневни форми, облици и линии на нивниот изглед. Целта оваа дизајнерка е спојот на уметност во изработката на чевлите.

Skyscrapers

Ова издание ја раскажува приказната за глобалните културни и најинспиративни архитектонски изданија во последниве години. Џудит Дипре во најновото издание на оваа книга вметнува уште десет нови зданија и ексклузивно интервју со Адријан Смит, кој ја дизајнирал Burj Khalifa и Кралската кула во Саудиска Арабија.

The world according to Karl

„Јас сум жив бренд. Моето име е Лагербренд, а не Лагерфелд.“

Квоти како оваа можете да сретнете во книгата која зборува за дизајнерскиот гениј Карл Лагерфелд. Специфично за ова издание е што главните уреднички Садрин Галбенкан и Кристоф Напјас покрај модата која е негова муза и професија ја раскажуваат и животната приказна на Карл, откривајќи неверојатни детали за неговиот приватен живот.

Dixonary

Британскиот дизајнер за ентериер Том Диксон, во книгата Dixonary, ги собра најинвентивните дизајни од својата долгогодишна работа. Тој е познат по својата креативна фантазија. Старите парчиња мебел и неупотребливите домашни украси ги редизајнира во вистински и нови ремек дела, кои ќе го освежат домашниот простор и ќе му вметнат свежина.

Gregory Crewdson

Грегори Крудсон е врвен фотограф кој има мошне специфична техника на доловување фотографски моменти. Тој има поинаков пристап кон естетиката на сликата и најчесто негова инспирација е секојдневието, навиките, движењата и изгледите на луѓето, но посветува внимание и на уличните детали кои ја дефинираат фотографијата.

Talking Fashion

Германскиот новинар Јан Кедвес, реши да напише книга каде ќе ги собере сите разговори, интервјуа и изјави на дел од познатите дизајнери. Станува збор, за интересни, живописни, креативни и мошне скокотливи текстови. Една плејада на дизајнерски исповеди со кои  вистински ќе се забавувате и уживате.

Emerald

Емералд е книга напишана од Џонатан Селф, Џоана Харди, Франка Соѕани и Хети Џуда. Со луксузна корица, како што всушност и доликува на самиот наслов нуди ретроспектива на накитот кој го носеле славните личности низ историјата. Портрети на дами од калибарот на Елизабет Тејлор, принцезата Дијана и мнгу други, видени низ перспективата на најдобриот пријател на сите жени - накитот.

Pretty Much Everything

Импресивна ретроспектива на работниот опус и неверојатното портфолио на фотографите Инез и Винод. Овие двајца уметници кои што го делат својот приватен живот решија своето три децениско творештво да го спакуваат во книга која ќе биде сведок на нивната генијалност.

Објавено:
21 февруари 2014
Категорија: 
Сцена