Советот на модни дизајнери во Америка изминатиов викенд како и секоја година организираше забава на која на едно место беа собрани не само големите и влијателни меѓународно афирмирани дизајнерски имиња, туку и голем број гости од шоу бизнисот, музиката и филмот. Локацијата каде се доделуваа наградите за најуспешните, традиционално се одржа во Линколн центарот. Еуфоријата својата кулминација ја достигна после официјалната манифестација на забавата која се одржа во центарот на Њујорк во италијанскиот ресторан Бароло каде познатите ѕвезди имаа можност да ги средат впечатоците и да се дружат меѓу себе.
Филсмкиот режисер и сценарист Џон Вотерс беше домаќинот на гламурозната манифестација, која веќе тринаесет години по ред ја има поддршката од брендот за накит Сваровски. Честа да врачат неколку награди им припадна и на неколку познати холивудски ѕвезди. Така наградата за најдобар дизајнер на женски колекции отиде во рацете на Џозеф Алтузара од истоимената модна куќа, а му беше врачена од страна на годинешната оскаровка Лупита Нјонго. Наградата пак, за најдобар дизајнер на машки колекции, Џејмс Марсден им ја врачи на Максвел Озборн и Дао Ји Чоу. Додека наградата за дизајнер на колекции за модни додатоци сосема заслужено отиде во рацете на славните сестри близначки Мери-Кејт и Ешли Олсен, а им беше врачена од страна на Кери Расел.
Модната уредничка на магазинот Vogue, Ана Винтур, на црномурестата пејачка Ријана и ја додели наградата за Модна икона, поради нејзината храброст во избирањето на модни комбинации кои секогаш знаат да раскажат една волшебна модна приказна. Ријана пак, ја искористи приликата да им се заблагодари на сите дизајнери кои со својата неконвенционалност ја инспирирале да изгради свој сопствен и впечатлив стил.
Грета Гервиг и Себастијан Стан врачија три Сваровски Награди. Наградата на Сваровски за најдобар дизајнер на женски колекции им беше доделена на Шејн Габиер и Кристифер Питерс за колекцијата „Creatures of the Wind“. Наградата за машки колекции му беше доделена на Тим Копенс, за наградата за најдобар дизајн на модни додатоци отиде во рацете на Ирене Нувирт.
Ричард Бакли наградата Џефри Бин за животно дело му ја додели на Том Форд за неговото соследно и креативно влијание врз модата низ годините. Наградата Еленор Ламберт која секоја се доделува во чест на основачката на Советот на модни дизајнери од Америка, топ моделот на сите времиња Наоми Кемпбел му ја врачи на Бетан Хардисон за неговото залагање во промоцијата на расната разновидност во модната индустрија.
Меѓународната награда оваа година ја доби креативниот директор на модната куќа Диор, Раф Симонс, а му беше доделена од страна на актерката Мерион Котилард.
Во продолжение погледнете ја галеријата од забавата после одржувањето на манифестацијата.