Селма Хајек – страствена мексиканска убавица со исклучителен талент за глума

19 јуни 2014

Симболот на латинската убавина, мексиканската актерка Селма Хајек е исклучително страсна жена како во она што го работи, така и во приватниот живот.

Мошне често нејзината специфична убавина е споредувана со Јунона древна божица од римската митологија . Прогласена е за амбасадор на латинската убавина и целиот свет ја обожава и ѝ се диви на нејзиното извајано тело во форма на песочен часовник. Нејзината појава на црвениот килим никогаш не поминува незабележано, а најмногу можеме да ја видиме во креации на модните куќи Гучи и Александар Меквин.

Оваа холивудска дива е родена на втори септември 1966 година во Коацакоалкос, град во Мексико. Своето образование го завршува на Академијата „Свето срце“ во Њу Орлеанс, а додека студирала глумела во ТВ Сериите „Синбад“ и „Nuevo Amenacer“, серија која во Мексико ги сруши сите рекорди на гледаност. Покрај ова Хајек земала учество и во неколку рекламни кампањи во тоа време.

Во 1987 година се преселува во Лос Анџелес, каде и се укажува можност да зема часови по глума, кои подоцна ќе и се исплатат со добивање на првата улога на големото платно во филмот „Мi Vida Loca“ во 1993 година.

Оттогаш, актерката се има појавено во бројни филмови, меѓу кои како најзначајни би ги издвоиле „Десперадо“ (Desperado) во режија на Роберт Родригез каде глуми заедно со Антонио Бандерас, следува „Догма“, каде глуми заедно со Бен Афлек па, „Wild Wild West“, каде ќе ја видиме како партнерка на Вил Смит. Двата филма се режирани до страна на Бери Соненфелд. Во 2000 година започнува соработка со Мајк Фигис и игра во неговиот филм „Timecode“. Веднаш потоа игра во филмот „La gran vida“ на Антонио Квадри.

Во 2002 година Хајек ги облекува чевлите на митската сликарка Фрида Кало, во истоимениот филм режиран од Џули Тејмор, кој ќе и ја донесе номинацијата за најпрестижната филмска награда „Оскар“ за најдобра женска улога, но и многу други признанија и награди. Се чини дека низ нејзината кариера постојано се провлекува нејзиното мексиканско потекло и традиција, симболи кои ќе станат препознатлив знак во сите нејзини улоги и ќе прераснат во еден вид карактеристика по која луѓето ќе ја идентификуваат.

Потврда за претходното идентификување со мексиканската култура е наредниот филм „Ask the Dust“, сниман според истоимениот роман на Џон Фанте во 2006 година, каде Хајек игра заедно Колин Фарел. Во овој филм комплетно се доловува силната врска која постои помеѓу Селма Хајек и нејзиното родно место.

После тоа следат филмските перформанси на „Mela e Tequila“,„Once Upon a Time in Mexico“ и „Bandidas“, каде што глуми заедно со Пенелопе Круз.

Во 2006 година го купува сценариото за колумбискиот серијал „Yo soy Betty la fea“ и станува продуцент на најпозната серија „Ugly Betty“, каде и самата глуми во неколку изданија, за што се закитува со наградата „Еми“ за најдобра актерка гостин во телевизиска серија.

Во однос на приватниот живот, актерката во 2009 година стапи во брак со Франсоа- Анри Пино, со кого има ќерка Валентина Палома Пино. Преку компанијата на нејзиниот сопруг таа неодамна го основа здружението „Chime for Change“, заедно со Фрида Џанини и Бијонсе, чија цел е обезбедување услови за образование и работа на девојките и жените кои не можат тоа да си го дозволат. Актерката на оваа активност целосно и комплетно се посветува, а резултатите кои ги постигнува се повеќе од одлични. Исто така таа членува и ги поддржува иницијативите кои се борат против семејното насилство на жените и против дискриминацијата на имигрантите.

Последните филмски остварувања на Хајек се двете комедии Grown Ups од 2010 година и Grown Ups 2 од 2013 година каде игра заедно со Адам Сендлер. Хајек е една од четирите најуспешни мексикански актерки на сите времиња, Долорес дел Рио, Лупе Велес, Кети Хурадо.

 

Објавено:
19 јуни 2014
Категорија: 
Сцена