Стилот на Анџелина Џоли: Од готска сензуалност до беспрекорна женственост

22 март 2014

Од готска убавица до гламурозна и елегантна прекрасна жена – така почнува скоро секоја приказна раскажана за стилската еволуција на Анџелина Џоли. Во последно време прекрасната актерка е актуелна со нејзиниот филм Maleficent каде таа ја глуми „Злобната вештерка“. Таа заедно со дизајнерката Стела Мекартни лансираше и детска колекција инспирирана од филмот, а козметичкиот бренд MAC создаде и волшебна колекција шминки целосно инспирирана од „Злобната вештерка“.

Во оној момент кога ќерката на актерот Џон Војт почна да се појавува во јавноста, вниманието го привлече со нејзиниот андроген изглед – за многумина тогаш, сосема непознат и неистражен.

Во истиот момент таа го освои Холивуд со нејзините беспрекорни готски сензуални изгледи и секако – мрачниот живот што го водеше.

Се омажи за Џони Ли Милер во 1996 – тата година во кожени панталони и маичка со неговото име напишано со крв, па долго време потоа продолжи да одушевува со нејзиниот „Мортиша Адамс“ изглед на црвениот килим.

Се чини врвот на „мрачниот“ изглед и живот актерката го достигна кога на црвениот килим во мај 2000 се појави со нејзиниот втор сопруг Били Боб Торнтон носејќи ланче со негова крв околу вратот.

Нејзиниот стил полека почна да се менува во ултра рокерски некаде по 2000 – та година откако го сними Лара Крофт: Томб Рајдер, филм во кој таа ја доби првата голема холивудска улога.

Оттогаш, низ годините, стилот на Анџелина Џоли се движеше во неколку различни правци, сѐ додека таа не се пронајде себеси во улогата на елегантна и софистицирана жена и мајка, за што веруваме дека многу помогна Бред Пит откако стана нејзина посилна половина во 2005 - тата.

Прекрасната актерка го преуреди својот плакар и ги “исфрли“ сите готски, мистични и рокерски парчиња и стана вистинска холивудска убавица носејќи фустани на Ели Саб, Армани и Макс Азриа.

Со текот на времето и зголемувањето на нејзиното семејство, се чини се зголемуваше и нејзината колекција на беспрекорни и елегантни парчиња кои ја прикажуваа во едно поинакво, шармантно и нежно светло.

Во последните неколку години сведоци сме на некои од нејзините најубави изгледи и бесрекорни фустани со кои дефинитивно поставува нови модни правила.

Во продолжение погледнете некои од нејзините највпечатливи комбинации низ годините наназад и уживајте во нејзината неверојатна трансформација од мистична девојка - колекционер на змии и гуштери сѐ до нежна и елегантна дама.

Објавено:
22 март 2014
Категорија: 
Сцена