Тајра Бенкс оригинална во имитација на своите колешки

10 септември 2013

Моќта на трансформирањето е една од особините кои се неопходни како еден модел би можел да стане топ ѕвезда. Очигледно дека оваа особина е дел од карактерот на Тајра Бенкс, а и основен двигател кој ја вивна на ѕвезденото небо. Доказ се новите фотографии кои оваа црномуреста убавица ги објави на социјалните мрежи.

 

 

На фотографиите Бенкс позира во улога на своите колешки. Имено, на прв поглед нема дилема, таа тоа го прави многу успешно, па со сигурност можеме да кажеме дека на сликите можеме да ги видиме Синди Крафорд, Кејт Мос и Кара Делевињ. Сепак под вештата маска на шминките се крие 39-годишната Тајра Бенкс. За некого ова не значи ништо бидејќи во денешно време фотошоп е еликсир и магичен трик кој решава многу проблеми, но овие слики се направени без користење на ниту еден програм поврзан со фотошоп, факт кој го потврдува и самата Тајра.

„Без употреба на фотошоп и ретуширање. Вистински. Необработени. Со поминати неколку саати во средување на косата и шминката за доловување на автентичноста“, напиша моделот на својот Инстаграм профил.

 

 

Иако во сопствената кожа Тајра изгледа фасцинантно, целта и била малку да си поигра и да и оддаде чест на модната индустрија и на жените-светски модели кои ги нарекува свои пријателки, колешки и конкурентки. На фотографијата каде Тајра позира во улога на Синди Крафорд на лицето ја има и препознатливата бемка кој е заштитен знак на Синди, а сличноста помеѓу овие две жени е постигната и навистина е фасцинантна.

„Физички се трансформирав во својот идол“, напиша Бенкс на Инстаграм под сликата каде ја имитира Синди Крафорд.

За да ја претстави во целост визијата на Кејт Мос, манекенката мораше да ги прикрие своите преубави облини. Фотографијата на која Тајра е потпрена на ѕид, а со рацете си го покрива торзото е карактеристична поза за светски позната Кејт Мос. Слободно можеме да кажеме и оваа трансформација на Бенкс е успешно одработена. Да не напишеше под сликата за што се работи нејзините пријатели на социјалните мрежи ќе беа убедени дека таа постира слика од Мос.

 

 

„Морав да ги прикријам градите и задникот“, напиша Тајра под фотографијата каде позира во улога на Кејт Мос.

На последната фотографија славниот модел позираше во улога на релативно новата модна ѕвезда Кара Делевињ. Изгледот на својата мошне помлада колешка, Тајра Бенкс го постигна, така што носи качкет и прави гримаса на лицето како што тоа го прави Кара на една од нејзините фотографии кои ги има постирано на Инстаграм. За да изгледа што поавтентично Тајра ги акцентираше нејзините веѓи, кои се главниот адут и препознатлив знак на младата Делевињ.

 

 

„Четири часа фризирање и шминкање, за да конечно личам на Кара Делевињ“, напиша Тајра под фотографијата.

Бенкс сликите ги објави кога Њујоршката модна недела е во полн ек и вети дека после овие три ќе следат уште 12 фотографии на кои имитира дел од физикусите на своите колешки. Крајниот број ќе биде 15 фотографии. Оваа бројка и значи многу на Тајра бидејќи на возраст од 15 години таа влезе во светот на модата и ја започна својата кариера како модел. И сега после четврт век постоење на модната сцена, сака јубилејно да го одбележи на еден невообичаен начин.

 

 

Таа е домаќин, промотер и заштитно лице на популарното шоу „Next American Top Model“, па со лансирањето на овие фотографии им зададе вистински главоболки на кандидатките кои ќе решат да учествуваат во новиот циклус, подигајќи ги и онака високите критериуми. Тајра на свој начин им покажа на сите дека се е возможно доколку соработувате со професионалци, па дури и во ерата на фотошопот кога секој еден на слика изгледа совршено и убаво, Бенкс потсети на фактот дека  за да се биде успешен модел покрај професионализмот и одговорноста, треба да имате и талент.

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
10 септември 2013
Категорија: 
Сцена