Најскапо платениот модел во светот, бразилската убавица Жизел Бундшен во новата рекламна кампања на Соња Рикел ја покажа моќта на природната убавина.
Честа да го овековечи оригиналниот лик на моделот ја имаше фотографот Јирген Телер, кој фотографираше кадри што драстично се разликуваа од она што модната куќа на Соња Рикел го имаше како цел во последниве две сезони. Фотографиите се изработени во црно-бела техника и максимално ја нагласуваат природноста и опуштеноста на Бундшен, која позира во уметничко ателје.
Стилистката Кејти Гранд, инспирацијата за оваа кампања реши да ја побара во приватните архиви на Соња Рикел од 70-тите години на минатиот век.
„Пронајдов прекрасни елегантни црно-бели фотографии кои ме потсетија на начинот на работа што го практикува Јирген Телер. Затоа и сакавме со него да соработуваме. Кога Јирген прифати, следниот чекор беше да најдеме девојка која во реалниот живот најмногу потсетува на Соња Рикел. Жизел беше вистинскиот избор“, вели Кејти Гранд.