Ако ви досадија цветните принтови ви предлагаме старо-нова солуција

3 јули 2014

Летото кое е во полн ек од секогаш било синоним за сонце, цвеќе, силни бои, море, плажа. Овие асоцијации директно влијаат и на креативната модна фантазија, особено кај дамите, па понесени од романтичните летни вибрации изгледите мошне често ги спојуваат со колоритност и цветни принтови. Доколку сакате да се одвоите од толпата, да ја нагласите вашата автентичност и да раскажете една поинаква модна приказна низ градските улици, тогаш пробајте да покажете една понаква модна страна што истовремено е лежерна, но по малку и со бунтовнички израз.

Ние добивме инспирација од прекрасната русокоса убавица, манекенката Кендис Свенпул, која папараците ја сликаа облечена во гранџ стил. Сванпул носи  црно припиено кратко фустанче, широка  карирана кошула, црни чизми до глужд и поштарска чантичка, нема  шминка и е со пуштена коса.Таа  навистина изгледа убаво и едноставно, а сепак уникатно.

Ако ви треба мала пауза од дезените со цвеќиња, макси лелеавите фустани со весели дизајни и бохо парчињата, обидете се да додадете малку гранџ во вашиот стил. Така ќе ја нагласите вашата строгост, во никој случај нема да бидете демоде, ќе изгледате едноставно и ќе презентирате оригиналност во однос имиџот.

За да ја стимулираме вашата модна фантазија, потсетуваме  дека гранџ стилот се појавува на музичката сцена во доцните 80-ти и почетокот на 90-тите, а амбасадори на ваквиот моден израз се Нирвана и Pearl Jam кои беа меѓу првите што го покренаа овој моден правец, за потоа да дојде до масовно прифаќање на големата нова модна сензација.

Нормално, дека и експериментирањето со овој стил и неговото надоградување е присутно и актуелно во годините потоа, па и денес. Дозволете си една ваква модна мотивација и бидете поинакви и свои.

Објавено:
3 јули 2014
Категорија: 
Тренд