Деловен стил по примерот на Оливија Палермо: Дама на работното место

12 септември 2022

Оливија Палермо е меѓу пионерите во модното блогерство, која успеа низ годините да го задржи статусот на една од омилените жени со стил, која нетенденциозно и без премногу драма, е на врвот кога е во прашање нејзината професионална сфера на делување и покрај големата конкуренција.

Овој свој статус рационално го искористи успешно да се инфилтрира во деловниот свет со низа бизнис-модни соработки, но и сопствени модни и козметички линии, па нејзин потпис носат и чевли, козметички производи, па и цела дизајнерска линија.

Тоа секако значеше сѐ повеќе простор во нејзиниот плакар и имиџ, за деловни комбинации.

Нејзиниот деловен стил се одликува со прочистена естетика, елеганција во која ќе ја препознаете модерната дама. Иако претежно одбира неутрални тонови или црно-бели комбинации, знае и соодветно да внесе боја - дозирана прецизно така да не го наруши впечатокот на коректен бизнис изглед.

Деталите, изборот на ткаенини и модни додатоци, го прават нејзиниот деловен имиџ атрактивен, а истовермено ненаметлив – совршено балансиран меѓу нејзиниот индивидуален стил и практичниот свет на бизнисот.

Многу често ќе ја забележите во ниски чевли, во речиси секоја варијанта: со макси и миди здолништа, со килоти, класични панталони, со одела, как приказ на тоа како може да бидете елегантна, а и женствена, во удобни обувки.

Се враќаме на работа по завршувањето на летните одмори, па некоја идеја плус за деловен изглед – не е на одмет. Особено кога инспирација е Оливија Палермо.

Фото: Пинтерест

 

Објавено:
12 септември 2022
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
1.380 пати