Иако никој не веруваше дека некогаш ќе дојде овој ден, се сменија улогите на жените и мажите кога станува збор за костимите за капење.
Додека до пред некоја година девојките носеа што е можно помали бикини што им ги покриваа само интимните делови, а мажите боксерки до колена, од оваа сезона работите се малку поинакви.
Брендовите за костими за капење сѐ повеќе почнаа да произведуваат ретро костими за капење за девојки, составени од кратки горни делови со прерамки и долни делови високи до над папокот.
За разлика од нив, мажите почнаа сѐ повеќе да се разголуваат на плажа и да носат сосема куси костими за капење во какви што никогаш порано не можеа да се замислат.
Брендовите за костими за капење ширум светот информираат дека продажбата на ретро костимите за капење за жени инспирирани од 50 – тите, оваа сезона пораснала за неверојатни 17 проценти откако истите беа прогласени за вистински тренд сезонава.
Истото е случај и со тесните и куси машки костими за капење чија продажба е неверојатно зголемена во последниве неколку години.
Модните експерти веруваат дека трендот кај мажите за тесни и куси костими за капење наместо познатите боксерки што стигнуваа должина и до колената од пред некоја година, е лансиран од страна на познатите личности како Дејвид Бекам и Дејвид Ганди.
Лизи Синглтон од британскиот моден бренд Дебенхамс вели дека мажите доаѓаат во нивните продавници со желба да купат костими за капење „како оние на Бекам“.
„Мажите многу сериозно ја сфаќаат модата што ја презентира Бекам и поради тоа и многу лесно се одлучуваат да носат куси костими за капење како него. Мажите како Бекам и Ганди се вистинска инспирација и мотивација за сите оние кои досега немале храброст да се одлучат за такво нешто“, вели Лизи.
Жените пак, поради трендовите оваа сезона, сѐ повеќе се одлучуваат за ретро костими за капење со висок долен дел и едноделни што ги сметаат за многу постилски.
Секако, голем број на познати дами оваа сезона се одлучија токму за вакви костими за капење, па како и кај мажите, така и кај жените, тие се вистинска инспирација и поттик за она што е тренди оваа сезона. Меѓу обожавателките на ретро костимите за капење се Ријана, Попи Делевињ, Кели Брук и многу други.
Ема Флечер, ко – сопственик на бутикот за костими за капење Beach Cafѐ вели дека овој тренд постои веќе неколку години, но оваа сезона истиот е најмногу изразен, со оглед на тоа што и голем број светски брендови нудат интересна и богата понуда.
„Мислам дека овој тренд ќе остане актуелен уште многу летни сезони, со оглед на тоа што и на оние на кои им заврши летниот одмор, купуваат од костимите од нашата понуда веќе за следната сезона бидејќи вистински се заљубени во нив“, вели Ема.
Ние дефинитивно го поддржуваме заминувањето на ултра малите бикини што скоро и да не покриваа ништо и им велиме топло добредојде на ретро костимите за капење. Во однос на машкиот тренд, некако подраги ни беа шорцевите за капење со соодветна должина, но ако Дејвид Ганди вели кусите и тесни се подобри, мора да го послушаме, нели!?