Повеќе не е тајна дека ние секојдневно уживаме да ги разгледуваме Инстаграм профилите и новите комбинации на некои од најкреативните девојки од модната индустрија, но последниве денови профилот на Џулија Скалезе особено ни го задржа вниманието!
Креативната Џулија која воедно е и професинален фотограф, на сосема несекојдневен и поинаков начин ги претстави последните трендови во модата раскажани преку лудо добри комбинации поставени на колоритни позадини.
Во моментов, Скалезе работи како уметник во Питсбург под името „The Collecteur“ и постојано ги „апдејтува“ нејзините обожаватели со нови фотографии на нејзината официјална страна и профилите на социјалните мрежи.
На сосема нов и поинаков начин таа ги претставува омилените актуелни парчиња на светските трендсетерки со помош на дизајнерите кои сѐ повеќе се воодушевени од нејзината креативна работа.
Комбинациите што таа ги прави се резултат на креативното комбинирање на модата, фотографијата и секако, нејзиниот неприкосновен стил.
„Се заљубив во ваквото креирање на фотографии и комбинирање парчиња на овој начин, откако дознав дека е возможно да се направи вакво нешто и истото да изгледа толку добро. Ваквите комбинации изгледаат толку добро благодарение на моите способности како графички дизајнер што впрочем е и мојата секојдневна работа. Мојата инспирација секогаш доаѓа од одреден карактер. The Collecteur е мојот карактер“, појаснува младата и креативна Џулиа.