Се потенка границата помеѓу модата за мажи и жени

16 октомври 2013

 

Не дека унисекс модата не постоела порано, но во последно време е особено актуелна и се повеќе ги стеснува границите помеѓу машките и женските модни светови, ако во тој универзум воопшто и постојат граници. Андрогениот стил веќе неколку сезони по ред е инспирација за колекциите на светските брендови и во различни модифицирани форми дизајнерите ги приспособуваат своите парчиња и на двата пола. Секако овој “моден синдром” може да резултира со различни сценарија: финансиски бенефит, односно поширока таргет група, ултра-модерен уличен стил, жени во комфорни костуми, но и мажи во нетипични цветни дезени. Токму ова беше основа и повод за критика на колекциите за мажи кои беа презентирани на модните недели за сезоната пролет-лето 2014 година. Критиката подвелче дека премногу женственост доминира со машкиот моден свет. Од транспарентни топови и нежни цветни дезени до здолништа за мажи. Секако експериментирањето и иновативноста се секогаш добредојдени во креативната индустрија, особено во модата, но од друга страна лесно може да се премине во невкус и кич.

Меѓутоа, приказната има и своја позитивна страна. Со лесна адаптација, жените во класичен машки костум може истовремено да делуваат моќно и секси. Се е прашање на вистинската комбинација и  прилагодување на амбиентот и личниот стил. Унисекс аксесоарите наметнаа една нова олеснителна околност, сега слободно може да ја позајмите омилената алка на вашиот сопруг и да ја комбинирате со елегантна кошула и здолнише, и тоа нема да изгледа нападно, туку напротив, секако ако е одбрано со мерка.

Елементите позајмени од панк и рок идеологијата,  кои моментално се доста актуелизирани, со  акцент на унисекс мотивите,  уште еднаш го потврдуваат овој тренд.  Ги препознаваме во колекциите на Шанел, Версаче, Живанши, додека машките предимензионирани капути ги наметнаа Филип Лим, Марни, Џил Сандер, Клое...

Следејќи го текот и темпото со кое се наметнува овој тренд, преминува во нешто многу посуштинско од само паче облека,  во градење на животен стил и еден сериозен пристап кон личната перцепција.

 

 

Објавено:
16 октомври 2013
Категорија: 
Тренд