Три модели на фустани според формата на вашето тело

24 септември 2014

Сепак преминот на годишната доба наметнува менување и на трендовите, но затоа ние ќе ви помогнеме одредени парчиња да ги вметнете и во штотуку почнатата есенска сезона. Овој пат ќе ви понудиме три модели на фустани според различните телесни конституции.

Балерина

Самиот наслов најавува дама која има совршено градена фигура, тенок струк, долги нозе што дозволуваат носење на модни парчиња кои го оцртуваат телото. Токму затоа, слободно ги советуваме девојките со ваква градба да одберат тесен фустан до колената, без разлика дали ќе биде со принт или пак еднобоен.

Долго торзо

Со цел да се направи апсолутна симетричност на горниот и долниот дел потребен е баланс помеѓу долгото торзо со модно парче кое ќе завршува во должина до крајот на колковите. Секако девојките кои имаат ваква градба може да си поиграат со предниот дел, односно со истакнување на деколтето, но во нормални граници. Препорачливо е парчето да биде неструкирано, со цел да не дојде до израз делот на широките колкови.

Морков

Доколку имате долги нозе, тогаш предност треба да им дадете на моделите фустани кои ќе го истакнат овој дел, но со горен предел што нема да го оцртува телото, се со цел да се направи баланс на целата конституција. Изберете кратки фустани со волуменозен долен дел или едноставни неструкирани модели на фустани.

Песочен часовник

Оваа телесна форма бара избор на модни парчиња кои ќе бидат волуменозни на долниот или на горниот дел со нагласување на струкот. Причината за волуменозноста е прекривање на истакнатите делови за да не направи дисбаланс во однос на струкот.

Нормална фигура

Кога станува збор за девојки кои имаат сразмерна телесна конституција во однос на горниот со долниот дел, тогаш идеално решение се микро фустаните во разни принтови и форми, а секако тука се и асиметричните модели кои се апсолутно приспособливи за девојки со ваков тип на градба.

Мали гради

Доколку мислевте дека најидеално решение е да се облече модел со истакнато деколте, тогаш сте во голема заблуда. Женственоста може да се истакне и на многу посуптилен начин, односно со избор на фустани што нема да бидат струкирани и тоа токму со цел акцентот да не биде во однос на градите.

Широки колкови

Доколку пределот кај колковите и задницата ви е поистакнат во однос на горниот дел, најсоодветно би било да одберете модел на фустан што ќе го прекрие. Тоа подразбира избор пред се миди или макси фустан, волуменозни на долниот дел.

Големи гради

Како што кажавме и во однос на малите гради, женственоста треба да се истакне на правилен начин. Во конкретниот случај, за дамите кои имаат големи гради препорачуваме избор на фустани кои нема да бидат струкирани во горниот дел, а сепак да се направи истакнување на делот на струкот.

Кратко торзо

Ако  во претходните случаи нагласувавме дека е неопходно да се истакне струкот за да се направи баланс во однос на телесната конституција, оваа градба бара апсолутно негирање на ова правило. Напротив неопходно е да се избере модел на фустан кој ќе биде неструкиран на горниот дел, со завршетоци во форма на набори.

Објавено:
24 септември 2014
Категорија: 
Тренд