Вселенска одисеја: не постојат модни имагинативни ограничувања

22 август 2014

Научната фантастика како жанр во филмската индустрија, доби свое модно огледало преку „вселенската“ одисеја која како тренд ја пропагираат дизајнерите во своите есенско-зимски колекции за 2014/15 година.

Отскокнете неколку димензии од земјата, и впуштете се во една модна вонземска авантура, порачуваат дизајнерите преку изборот на футуристичките форми, металните нијанси, тродимензионалниот дизајн на своите сезонски линии, како и  воздушестите материјали и вртоглаво високите платформи на чевлите со кои сте поблиску до допирот со небото.

Вселенскиот простор и слободата што ја ужива, беа несекојдневна инспирација за добар дел од светските дизајнери за претстојната сезона. Па така, мистиката на универзумот ја пресликаа во своите визуелни есенски и зимски тенденции.

Сестрите Маливи можеби најбуквално и директно посочија кон галаксијата, со портрети од хероите и антихероите на „Star Wars" аплицирани на фустаните, маиците и блузините на Родарте.

Жан Пол Готје пак, создаде вистински вселенски костуми за најмодерните туристи кои ги чекирале своите билети за вонземско патување, а можеби еден од потенцијалните кандидати е и Лејди Гага?

Карл Лагерфелд е познат по тоа дека сака да ги надминува стандарните граници во секој поглед, па така и во својата колекција за Шанел за претстојната сезона, играше со кроевите на моделите кои добија форма на песочен часовник со нагласени рамена, а изработани од блескави материјали кои како да ја собрале светлината на сите небесни тела.

Во модниот универзум не постојат имагинативни граници.

 

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Тренд