Едногласна одлука на дизајнерите за трендот на шминка и фризура од Њујорк

13 февруари 2014

Деновиве вестите од модните медиуми се насочени само кон еден град, Њујорк. Главен фокус, се разбира има модната недела за есен-зима колекциите 2014/15 година, на голем број дизајнерски имиња и брендови, помалку и повеќе познати, како и дебитанти што премиерно имаа чест да земат дел од овој голем моден „залак“. Изненадувања имаше од повеќе аспекти, сублиматите доаѓаат на крај, а како критиките за облеката, издвојувањето на најдоброто и најлошото, водечките трендови и боите што преовладуваа, во списокот за анализа влегуваат и шминката и фризурата, без кои секако еден изглед на писта не би бил целосен.

Хуго Бос Хуго Бос

Нашето анализирање од крајот на њујоршката модна недела, алудира на еден многу важен сегмент, а тоа е дека стилистите за фризура и шминка, како и дизајнерите, ви пратија директна порака за трендот кој ќе биде актуелен следната есен-зима.  Но, да почнеме со ред. Во однос на шминката едно е сигурно, природниот изглед е на пиедестал, со ретки исклучоци на суптилна употреба на земјени нијанси на сенки од очните капаци и дефинирање на окото со црн молив без многу нагласено контурирање.

Мајкл Корс Мајкл Корс

Хуго Бос Хуго Бос

 

Родарте, Марк Џејкобс, Дона Каран, Бетси Џонсон, Хуго Бос, се малкуте учесници, што се одлучија на писта да презентираат понагласена шминка на  очите, но не нападно истакната, туку напротив суптилно потенцирана со бледи и нежни пастелни и земјени сенки, како и употреба на црниот молив.

Родарте Родарте

Бетси Џонсон Бетси Џонсон

Марк Џејкобс Марк Џејкобс

Тие јасно потенцираа,  дека доколку ги нагласувате очите, тогаш во никој случај не треба да ги нагласувате усните и обратно. Слободно можеме да кажеме дека пистата доживеа синергија од шминката што беше актуелизирана. Оваа модна недела шминкерите имаа многу повеќе работа, иако можеби не изгледа така. Токму природниот изглед е најтежок како техника, а тоа дека успешно го извеле беше очигледно. Од лицата на манекенките, речиси и не се забележува пудра, туку само мала корекција што ја нагласува природната убавина на жената, независно дали шминката  е употребена за дневна или вечерна и луксузна креација. Ако не сте навикнати да употребувате многу малку шминка, сега имате дополнителен мотив тоа да почнете да го практикувате. Малку шминка не значи помалку среден и негуван изглед, туку напротив.

Проенза Скулер Проенза Скулер

Филип Лим Филип Лим

Нарцисо Родригез Нарцисо Родригез

 

И во однос на фризурите се избегна драматичноста. За минатата сезона пролет-лето се наметна трендот на мокра коса зачешлана наназад, која некако соодветствува со топлото време. Сега,  иако се презентираа есенско зимски колекции, мократа коса остана како заштитен знак од повеќето колекции, како оние на Филип Лим и Џереми Скот, кои  акцентот го ставија токму на овој мокар сегмент.

Џереми Скот Џереми Скот

Филип Лим Филип Лим

 

Следната студена сезона нема да се одвои и од патецот на страна, неуредно собраната коса, но и онаа строго стегната без да стрчи ниту едно влакно. Хуго Бос, Родарте, Памела Роланд, Вера Ванг, Проенза Скулер,  сите се одлучија за патецот на страна, независно дали косата е строго собрана или неуредно пуштена.

Вера Ванг Вера Ванг

Памела Роланд Памела Роланд

Манекенките на Марк Џејкобс, пак имаа две плетенки зад ушите, што потсетуваа  на оној невин изглед од детството. Плетенките остануваат актуелни  и спаѓаат во редот на веќе видени фризури.

Марк Џејкобс Марк Џејкобс

Она што ни беше необично, беа архитектонските пунџи на Каролина Херера, кои освен што беа огромни,  беа „поклопени“ со шапка со вид на фес, кој целосно ја покрива големата топчеста фризура.

Каролина Херера Каролина Херера

 

Заклучокот е дека едноставноста е „ин“, заборавете на многу шминка, вештачки прамени коса и многу време изгубено пред огледало. Пораката од Њујорк е јасна, природното е главниот инспиративен елемент за вие да бидете во склад со модата и нејзиниот тек.

Објавено:
13 февруари 2014
Категорија: 
Убавина