Клаудија Шифер говори за нејзината безвременска убавина

27 април 2018

Таа чекореше на сите модни ревии во 90 – тите, а дека и денеска е подеднакво прекрасна докажа и кога пред неколку месеци се појави како модел на ревијата на Версаче заедно со нејзините познати колешки.

Клаудија Шифер на 47 години изгледа навистина беспрекорно, а за тоа како ја одржува убавината и кои се нејзините омилени производи, таа искрено говори за Harper’s Bazaar.

Фото: WWD

„Она што многу ми помогна е советот на Карл Лагерфелд кој уште на почетокот ми рече да бидам своја и да не се грижам за тоа што другите сакаат да бидам и како тие сакаат да изгледам. Низ кариерата, постојано се сеќавав на неговиот совет и им верував на моите инстинкти“, вели манекенката.

Таа ќе каже дека низ годините научила што и прилега добро и дека одбира парчиња во кои се чувствува убаво.

Фото: W Magazine

„Во 30 години работа, имав можност да работам со некои од најдобрите дизајнери и да носам неверојатно парчиња. Сфатив дека фармерките – ѕвонарки ми прилегаат најдобро и сакам да ги комбинирам со маичките на Изабел Марант кои толку добро се украсени и изработени што неодоливо потсетуваат на 70 тите години“, вели Шифер.

Како и секоја друга жена, огромна љубов чувствува кон чевлите па ќе каже дека и не се сеќава колку чифта поседува.

„Моите омилени се сините чевли со ременче и украсени со везови од мојата заедничка колекција со Aquazzura наречени Cloudy Star по мојот прекар од детството – Cloudy“, раскажува манекенката.

Како што можеме да забележиме, таа е вљубена во голем број трендови од 70 – тите и 80 – тите, па така често можеме да ја видиме во маички на пруги, каубојски чизми и фармерки.

Што се однесува до модните додатоци, таа го обожава прстенот на Chloe со буквата „C“, бидејќи како што вели, обожава работи со монограми.

Сака да ги носи чантите на Anya Hindmarch, очилата за сонце на Гучи и мантилите на Шанел.

Кога говори за уметноста, ќе каже дека Енди Ворхол има посебно место во нејзиното срце.

„Како модел, долго време поминав посетувајќи разни галерии во Париз, а се сеќавам дека често одев на изложби на Енди Ворхол и си велев дека еден ден ќе купам нешто од него. Денеска поседувам неколку слики од него поставени во моето студио“, раскажува манекенката.

Она што е интересно е дека и нејзиниот сопруг е обожвател на уметноста, па така нарачал слика од познатиот поп – арт уметник Ед Руша на која пишувало „Ќе се омажиш ли за мене?“, на што таа одговорила „Да“, одговор кој уметникот го поставил на уште една слика.

Што се однесува до грижата за кожата, таа ќе каже дека покрај трите деца, има многу малку време, па сака да го искористи најдобро што може.

Сосема нормално, ги користи производите од нејзината линија, најчесто коректор, руменило и маскара.

На крај на интервјуто таа ќе каже дека останале уште неколку работи на листата што таа сака а ги направи до крајот на животот.

„Сакам да свирам пијано со Елтон Џон. Исто така, сакам да посетам курс за правење на коктели и да научам да готвам органска храна“, завршува таа.

Извор и фото: Harper's Bazaar

Објавено:
27 април 2018
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
700 пати