Англичаните и сите вљубеници во модата имаа шанса да уживаат во разни модни ревии и перформанси од 14 до 18 февруари во британската престолнина, а од трендовите кои беа прикажани мораме да признаеме дека ненападната шминка и природниот изглед и понатаму владеат буквално насекаде.
Пред се мора да нагласиме дека предност се дава на негуваната кожа и нежната нијанса на пудра која не е неколку нијанси потемна од природниот тен. Освен на ревијата на Кристофер Кејн каде манекенките имаа тотално природен изглед, на ревијата на Том Форд моделите имаа smokey eyes и блед кармин, на ревијата на Burberry Prorsum моделите имаа беж сенка на очите, а од модните додатоци преовладуваа тенките ремени и флоралните, апстрактни принтови како на чантите, така и на креациите.
Интересна беше шминката на ревијата на Giles каде моделите имаа нагласен син молив на долниот дел од очниот капак. На ревијата пак на Ердем, моделите исто така беа нашминкани со тенка линија на долниот капак, но во црна нијанса со прамени од косата спуштени на предниот дел од лицето, додека пак на ревијата на Џонатан Сандерс, манекенките имаа залижана фризура, сенка на очите во бордо нијанса и кармин во истата боја и секако за крај неповторливата Вивијан Вествуд секогаш знае да изненади со нешто интересно, а тоа овој пат беа шапките во разни форми и нагласените усни со црвен кармин.