Даниел Николовски, нашиот стилист и мејкап артист има нешто да каже за русокосите:
Ако сте русокоси потребен ви е посебен начин на шминкање. Светлиот избор на мејкап ќе направи да изгледате „невидливо“, а ако ставите премногу темна и драматична шминка ќе го изгубите балансот помеѓу светлата коса и вашиот природен тен и на тој начин вашето лице ќе изгледа премногу темно во однос на косата.
Ви ги претставувам најдобрите модерни совети за шминкање који ќе се вклопат во вашиот стајлинг и бојата на коса и која ќе ја истакне вашата убавина.
1.Подлога
Неправилностите како што се акните, црвенилото се многу повеќе воочливи кај русокосите и затоа се препорачува користење на подлога која може да ги покрие сите неправилности. Може да користите ББ или ЦЦ креми кои имаат текстура на пудра, а може да ги најдете во сите дрогерии кај нас. Секогаш бирајте нијанси кои се приближно на вашата природна кожа, избегнувајте ги розевите нијанси кои ги истакнуваат вашите недостатоци. Ако немате вакви проблеми не ви ни треба подлога.
2.Руменило
Кога станува збор за руменилото, русокосите сакаат да користат розе нијанса која патем совршено им одговара. Но, најдобар избор е светло розе и задолжително да ги избегнувате бронзерите и бакарните нијанси, а ако пак толку сакате да ги нанесете, држете се до она добро правило: помалку е подобро.
3.Веѓи
Ако имате природно светла коса, веѓите ви се сигурно светли и немате потреба да ги нагласувате со потемни моливчиња за веѓи. Многу е важно тие да не се потемни од вашата боја на коса. Ако не можете да ја пронајдете вашата нијанса за веѓите, постојат многу компании кои се специјализирани само за русокоси. Секогаш имате предност, вие русокосите! Немојте да притискате со моливчето многу силно и не ставајте дебели и остри линии. Ако имате бланширана коса замолете ја вашата фризерка да ви ги потемни за две нијанси веѓите.
4.Очи
За вас русокосите идеална варијанта е што помалку шминка на очите. Пастелни, нежни нијанси би требало да се вашиот избор, бидејќи тие истакнуваат таман толку колку што треба. Генерално, вие изгледате нежно и мат сенките треба да ви се секогаш избор број еден. Ако имате пепеласта нијанса на косата, најдобро би било да користите златни и кафеави тонови, но и шампањ нијанса. Сребрените и седефот избегнувајте ги оддалеку. Не им се приближувајте, не се за вас!
За златна нијанса на русокоса, светло виолетовата сенка е одличен избор. „Smokey eyes“ техниката може да ја избегнувате како избор, но ако имате во план некоја забава, тогаш црната основа заменете ја со сива или темно сива.
5.Усни
Розевите кармини во сите нијанси се полн погодок. За светло златна нијанса идеален избор се розевите тонови со беж подтонови, а црвениот кармин е резервиран за оние со платинеста нијанса. Моливчето за усни би требало да ви биде малку потемна нијанса, но никако темна.
Да не ве потсетувам, русокососи најмногу треба да се негувате!