Благодарение на бројните „вкусни“ профили на социјалните мрежи на кои гурманите секојдневно објавуваат бројни фотографии од разни јадења, како и кај облеката, така и кај храната сведоци сме на бројни нови трендови.
Изминатава сезона, вистински хит беше тостот со авокадо, смути пијалаците, чиа пудингот и што уште не, а за есенската сезона што допрва доаѓа, има нови вкусни работи!
Оваа сезона љубителите на здравата храна ќе ја дочекаат со тост од сладок компир, банана суши, овес со чоколадо, сино кафе и што уште не...
Во продолжение дознајте какви трендови нѐ очекуваат во светот на појадокот, па можеби токму тука ќе го најдете вашиот нов фаворит!
Тост од сладок компир
Овој вкусен деликатес е веќе огромен хит по социјалните мрежи, бидејќи без сомневање, има многу здрави намирници. На исечено и испечено парче сладок компир ставете го вашиот омилен зеленчук кој претходно ќе го сварите или испечете и едноставно додајте го одозгора на парчето компир.
Во случајов, најпопуларен е тостот од сладок компир со тенко исечени тиквички и парчиња грав во сос од лимон со малку оригано. Одличен избор за појадок, вечерна седенка со пријателите или пак ужинка.
Овесни снегулки со тиквици и чоколадо
Иако сигурно веднаш рековте дека ова е јадење што никогаш нема да го пробате, сепак обидете се да експериментирате кога е храната во прашање. На Инстаграм ќе ги најдете под хаштагот #zoats, а инаку станува збор за едноставни овесни снегулки во комбинација со рендани тиквички кои поради нивната водена структура, ќе додадат кремаста смеса во чинијата.
Ова јадење може да се консумира и со слатки состојки како какао и овошје, за што вегетаријанците ќе кажат дека е нешто совршено!
Банана суши
Овој специјалитет е замена за енергетско чоколатце, бидејќи истото ќе ви ја даде потребната доза на енергија за денот, особено пред тренинг.
Овој десерт се прави за многу кратко време, а сѐ што треба да направите е да ја исчистите бананата, да ја премачкате со путер од кикирики или какао и одозгора да ѝ ставите чиа семе и сецкани јаткасти плодови.
Сино „кафе“
Пијалакот од сина алга, односно „blue algae latte“ е можеби најнеобичниот нов тренд што се најде на оваа листа. Иако нема никаква врска со кафе, овој пијалак стана супер популарен низ светот за многу кратко време.
Синото „кафе“ почна да се служи во еден мал бар во Австралија и се прошири низ целиот свет. Станува збор за спој на кокосово млеко, сируп од алги, лимон, ѓумбир и прав од сини алги – супер храна за инстантно зајакнување на имунитетот. Со оглед на тоа што синото вино ова лето е вистински хит, есенва доаѓа негов вистински заменик кој веќе светот го обожува!
Извор: Journal.hr