Новогодишни предлози за шминка и фризура

22 декември 2015

Претпразнично, доколку не сте сигурни во изборот на шминката и фризурата кои треба да му дадат финална слика на Вашиот изглед, секогаш е добредојден совет од професионалци.

Затоа, побаравме предлози од неколку домашни фризери и шминкери, кои ќе ви помогнат да го направите вистинскиот избор.

Во овој прв дел, зборуваме со професионалниот тим шминкери и фризери од фризерскиот салон  во рамките на модната куќа Елена Лука. Тие ни посочија неколку актуелни трендови на шминка и фризура, но и како истите да ги прилагодите на Вашиот изглед:

-Класичен ретро изглед што вклучува брановидна фризура без оглед на тоа дали ќе биде собрана или пуштена, е секогаш сигурен избор кога се работи за посебни пригоди. Ваквата фризура одлично може да се комбинирана со земјени, седеф тонови на сенки за очи, туш и класичниот црвен/бордо кармин.

-Доколку косата e пуштена и со патец настрана, тогаш очите нека бидат нагласени, а устата нека биде со нежно розов кармин.

-Косата собрана во коњско репче, пунџа или спуштен реп е секогаш добар избор. Во таков случај, може да си поиграте со шминката, на пример може да ги нагласите очите со техниката „smokey eyes", а устата може да биде во беж нијанса или само со сјај за уста.

-Ако имате кратка коса, акцентот ставете го на усните. Користете темен кармин на пример во темно виолетова или темно црвена боја, а очите нека бидат со светли сенки, но нагласени трепки.

-Бидејќи сепак се работи за новогодишни празници, ако преферирате необичен изглед, може да си дозволите да си ставите светки врз шминката, на пример дискретно на почетокот на капакот со што ќе направите визуелно покрупни очи или да ставите светкав кармин на усните.

 

Објавено:
22 декември 2015
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
2.869 пати