Многумина од нас не размислуваат за водата што ја пијат, едноставно знаеме дека во текот на денот треба да испиеме неколку чаши и го правиме тоа без да размислиме од каде истата доаѓа.
Колку всушност вода треба да испиеме дневно и дали и колку истата е квалитетна е нешто на што особено треба да му посветите внимание.
Колку вода му е потребна на организмот?
Вашата тежина е сочинета од околу 50 проценти вода. Без редовно консумирање на вода, вашиот организам нема да може да ја одржи телесната температура или пак да се ослободи од сѐ она што му е вишок низ урината и потта. Всушност, водата му е толку потребна на организмот што по пет дена без вода истиот нема да може да издржи повеќе.
Според последните истражувања на Американскиот институт за храна, на жените дневно им се потребни околу 11 чаши вода, додека на мажите околу 15.
Секако, оваа количина на потребната дневна доза вода на организмот можете да ја надополните и преку внесување на различни здрави супи, други течности и овошје и зеленчук. Она што треба да го запомните е дека ако спортувате или имате други физички активности во текот на денот, оваа конкретна количина може да се зголеми.
Колку е квалитетна водата од чешма?
Знаеме дека мора често да пиеме вода, но дали водата од чешма секогаш е безбедна и квалитетна? Многумина ќе кажат дека ние имаме навистина квалитетна вода за пиење, но тоа не значи дека е дозволено истата да се консумира од секаде. Без разлика каде и да одите, задолжително прво информирајте се дали водата од чешма се пие, за да можете да се снабдите со вода од некое друго место. Внимавајте бидејќи онаа вода која што не е тестирана, може да биде опасна по здравјето поради големиот број микроорганизми кои ги содржи, како разни бактерии и паразити.
Дали е безбедна водата од пластика?
Светските експерти посочуваат на тоа дека на никаков начин не е потврдено дека водата во пластични шишиња е поздрава и поквалитетна од онаа од чешма, туку дека единствена предност е во нејзината лесна преносливост. Додека квалитетот на водата од чешма најчесто е гарантиран и познат, тоа не е случај со онаа во пластика. Никогаш не можете да бидете сигурни за квалитетот на водата од шишето што го купувате, ниту колку се точни стандардите по кои е создавана и пакувана. Затоа, доколку имате можност, секогаш пијте квалитетна и проверена вода.
Сѐ со цел да го подобрат квалитетот на водата, некои луѓе користат филтри во домашни услови. Некои од тие филтери се специјално направени за да се справат со хлорот и бактериите и да ви овозможат пречистена и квалитетна вода за пиење. Она што треба да го знаете е дека ниту еден систем не може целосно да ги отстрани сите недостатоци на водата од чешма, па затоа истата прво мора да биде тестирана. Запомнете дека филтрите нема да ја направат чиста за пиење онаа која претходно била класифицирана како забранета, затоа воопшто и не обидувајте се да го постигнете тоа. Најдобро би било да ги следите советите на експертите и редовно да се информирате за квалитетот на водата во местото каде живеете.