Дамки на облека, дамки во душа

8 август 2018

Автор: Небојша Толески Сигурно ви се случило кога сметате дека изгледате најубаво облечени на некој настан, во кафе бар или во кафеана, на облеката да ви се истури јадење или пак пијалок… Ко за белја, дамката е толку голема што се гледа и од месечина. Упорно се обидувате да ја отстраните, ама таа само уште повеќе се размачкала. Од нервоза, ви доаѓа да си направите уште една флека. Забавата само што не почнала, а вие веќе мислите да си заминете. Но, најстрашно е што повеќето ве гледаат. Се потите, мака мачите со влажните марамчиња, триете ли триете. Попусто, никако да излезе. Што да направите во ваква ситуација?

Ништо! Зошто? Затоа што дамката тешко дека ќе исчезне, во тој момент е баш така и никако поинаку. Наместо да се стресувате, бидете опуштени. Нема ништо да постигнете со нервоза, нити со постојано сокривање на “непоканетиот моден детаљ”. Многу е едноставно. Дозволете сите да ја видат флеката. Заборавете на срамот бидејќи секому може да му се случи такво нешто, ама вам сè уште “ве јаде” зошто баш мене?

Некои нешта се вон ваша контрола! Но, вашиот мозок не! Прифакањето на работите такви какви што се е придобивка за вашиот мир и спокој. Така требало да биде. Навистина ќе ви биде крајно непријатно, но да промените временски интервал не можете. А, можете на пример да бидете свесни за ситуацијата.

Дамката не се брише со ништо, не носите резервна облека, дамката си останува на вашата облека, па  ако сакате бришете ја до утре. Значи - свесност и присебност во даден момент кога сте немоќни да промените нешто. Заборавете на облеката за миг. Поминете си убаво. Ќе ве загледуваат, ама што фајде имате вие од тоа.

Флеките или дамките не се наоѓаат само на нашата облека. Нив ги има и во нашата душа. Но, за да се справите со нив важат истите нешта напишани погоре. Битна е нашата состојба на умот. Како ќе ги прифатиме нештата зависи само од нас. Некои се справуваат тешко, некои лесно, секој со својата планина. Слободата на изборот некогаш е лимитирана, но избор секогаш постои. Лош или добар, на нас останува. Некои одбираат помирување…

Да се навратам на дамката на облеката. Речиси сите дамки и флеки се чистат, посебно денес кога има толку многу сретства.но - речиси сите!

Некои се толку многу тврдокорни што ништо не ги брише. Затоа треба да бидете внимателни кога јадете и пиете. Никој не сака баш на најубавото парче облека да му капне мрсотија или обоена течност. Не дека и облеката нема рок на траење, но подобро е кога е без “непоканети гости”. Истото се случува и со модните детали. Ако претерате со китење на облеката, исто како да сте ја флекосале.

 

*Содржината е личен став на авторот

Објавено:
8 август 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
504 пати