Ким Кардашијан – некогашна асистентка на Парис Хилтон, а денес кралица на социјалните медиуми. Ја следат преку 250 милиони само на Инстаграм. Уште малку, па колку цела Индонезија. За споредба, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп го следea 87 милиони за време на мандатот. Бајден не е ни за споредба, бидејќи го следат скромни 17 милиони.
Една нејзина објава чини околу милион долари.
Магазинот „Тајм“ ја впиша меѓу петте највлијателни луѓе во светот.
Статистики велат дека нејзиното влијание и интересот за неа е далеку поголем не само од Трамп, туку и од цела листа познати личности од различни сфери.
Таа денеска го прославува 41 роденден. Таа сними порно за кое „не знаеше“ и кое “„случајно“ се појави во јавноста. Исто така, „случајно“ беше дел од реално шоу, каде ја распостела својата просечност, потоа сосема намерно, го распостела својот приватен живот и намерно заработи милиони од такаречено ништо.
Од 2007 година кога започна шоуто „Кардашијанови“ до сега, не само што се менуваше нејзиниот стил и моден и животен, туку таа стана влијателно лице за цели генерации.
Ако во ова време на капитализам, секоја личност на социјалните медиуми се доживува како продукт, таа е неприкосновена кралица. Нејзиниот пристап на пласирање на речиси секој сегмент од нејзиниот живот – од облека, родителство, брак, се покажа, за неа, како мошне успешен.
Додека некои од познатите личност кои се мошне популарни, далеку подолго познати на јавноста и обожавани, се трудат да го скријат приватниот живот и ретко што се знае (Том Хенкс или Кејт Бланшет на пример), Ким го направи сосема спротивното – се доближи до обичниот народ (привидно или реално?) и заработи и се' уште заработува на нивната љубопитност.
Таа не е успешна поради тоа што прави нешто вредно за внимание, туку поради нејзината публика. Го сакаме тоа што го мразиме и го мразиме тоа што го сакаме“. Оваа hate-love врска што ја има светската публика со Ким добро се одразува на нејзиното конто.
Можеби прашањето зошто е популарна не е толку актуелно, колку што е како успеа во тоа? Како една просечна Американка, без никакви впечатливи таленти, може да го „продаде" своето тело и животен стил така успешно, за да стане глобално позната ѕвезда? Како некој што има книга за селфи фотографии во која речиси и да нема текст, туку само нејзини фотографии, или некој што го скенираше својот задник на телевизија за да докаже дека е вистински, успеа да стане една од најзборуваните, следените, влијателните, моќните, истовремено и најкритикуваните фигури на модерното време?
Со добар менаџер (нејзината мајка Крис Џенер), послушност (правиш се' што ќе ти речат) и народот (со сета своја памет и/или глупавост).
Тој публицитет и критицизам одат во нејзина полза. Уредник на еден престижен магазин ќе рече, а „Гардијан" ќе пренесат, како „Постојат моменти кога Ким Кардашијан е како Енди Ворхол на нашето време. Мајстор за публицитет. Но, кога ќе се размисли подобро, таа е она што ренесансниот научник Стивен Гринблат го мисли под поимот „self-fashioning" – презентација на она што си и кој си, не како нешто фиксно и приватно, туку како нешто што самиот си го создал, речиси за опстанок.
Нејзиното појавување заедно со Канје, на насловната на „Вог“ за некои беше восхитувачко, за други повраќаница. Некои го толкуваа како остварување на сонот на сите “просечни“ луѓе во светот, а други гледаа како „Вог“ паѓа многу ниско. Сепак, без разлика што Винтур го оправда ваквиот чекор со тоа дека “Вог секогаш биле отворени кон луѓе што влијаат врз американската култура“, што и не можеме да кажеме дека не е точно и во случајот на споменатата двојка, сепак она што ги спои овие две страни е Профитот.
Ана Винтур крена прашина и добро го продаде својот магазин, публиката ја купи приказната за американскиот сон, колку и да е искарикиран во случајов, а Ким се искачи уште неколку чекори нагоре во американската поп-култура и секако на банкарската сметка.
Ким е доказ дека можеш да бидеш суперпопуларен без тоа да го базираш на некој конкретен успех, талент, идеја, порака. Таа е феномен кој може да се спакува во реченицата „Постојам, не работам ништо релевантно или суштинско и од тоа живеам. Одлично живеам“. Да бркаш слава поради слава. Да бидеш жена, мајка, кралица - на “просечните“. Да го оствариш нивниот сон, без да знаеш дека го правиш тоа.
Без разлика што реалното шоу, насловните, нејзината појава години наназад припаѓаше на дел од културата што се нарекува кич, Ким денес е ѕвезда со која работат речиси сите престижни светски модни брендови.
Таа е движечка реклама за многу од нив. Ана Винтур ѝ е пријателка. Го посети Трамп и се залага за неправедно осудените.
Во меѓувреме создаде и свој бренд за долна облека, Кејт Мос ја стави за заштитно лице. Му отвори на остатокот од семејството безброј можности и ги направи и нив богати.
На крајот, Кардашијан стана и бизнисменка, многу поуспешна од некои таму ликови во костуми. Неодамна беше водителка на шоуто Saturday Night Live и покажа дека е и духовита. Се пошегува на сметка на речиси сите сегменти и членови на нејзиното семејство, па дури и „хејтерите“ го пофалија нејзиното појавување и покрај фактот дека тоа сè некој претходно го смислил за неа - според медиумите тоа се Елен Деџенерис, Џејмс Корден, Ејми Шумер и Дејв Чапел. Добар избор.
Но, покажа и две други работи: 1. Не е глупава и 2. Исклучително е послушна. Па и други се обиделе од својата просечност да направат надпросечност, но не секому му успеало.
Без оглед на нејзините мотиви, она што станува сè поцврст факт е дека таа е (и ќе биде) слика за едно време, општество, генерации, вредности и реалност, обратнопропорционални на оние од пред (само) 30 години или повеќе.