Пред речиси две недели, поточно на 15-ти декември, се одбележaа 40 години од првото остварување на серијалот „Луде године“ кое го носеше токму тој назив.
Со оглед на тоа дека празниците се период кога често се навраќаме на филмовите кои потоа станаа препознатливи под името „Жикина династија“, ова беше повод да се потсетиме на некои можеби не толку познати информации околу овој серијал.
Последното продолжение е снимено 1992 година, а иако поминаа толку години, темите и хуморот имплементирани во филмовите се актуелни и денес. Често се прикажуваат и на програмите на нашите телевизии, па имате впечаток буквално како ништо да не се менува (и во програмската шема, а и животот).
-„Луде године“ е серијал од 10 филмови. Режијата е на Зоран Чалиќ, кој почина пред две години на 83-годишна возраст, додека сценариото е на Јован Марковиќ.
- Премиерата на „Луди години“ се случила на 15-ти декември во 1977 година. Приказната за двајца тинејџери, преку кои се рушат табуа, зборувајќи за незаштитен однос, бременост и абортус, достигнува голема популарност, која дури и не е очекувана. Резултатот на таа популарност е инсистирањето да се направи второ продолжение, иако воопшто не било во план. Така и се случува, па после две години, на 31-ви јануари 1980-тата година е премиерата на „Дошло доба да се љубав проба“.
-Зоран Чалиќ е единствениот режисер од овие простори на кој му успеало да направи десет продолженија со истата актерска екипа. Иако во почетокот му зборувале дека „Луде године“ нема да трае повеќе од една сезона и дека постојано прави еден ист филм. Но, времето покажа дека Чалиќ го интересирала единствено публиката, за која ѝ биле наменети филмовите, а не критиката или стручни лица.
-На 26-ти февруари 1981 година се случува премиерата на третото продолжение насловено како „Љуби, Љуби ал’ главу не губи“, на 22-ри февруари две години подоцна е премиерата на четвртото продолжение „Какав деда, такав унук“. Истата година, девет месеци подоцна, на 22-ри ноември се случува уште една премиера, на уште едно продолжение „Иди ми, доѓи ми“. Шестото продолжение „Шта се згоди кад се љубав роди“ се случува на 28-ми јуни 1984 година, а следното „Жикина династија“ е првпат прикажано на 31-ви октомври 1985 година. Тимот не прави голема пауза па веќе следната година излегува осмото продолжение со наслов „Друга Жикина династија“. Деветото продолжение на серијалот, „Сулуде године“ се случува на 3-ти октомври 1988 година, а последното „Жикина женидба“ во 1992 година.
-Главната ѕвезда на филмот, Драгомир Бојаниќ – Гидра, односно во филмот Жика Павловиќ, умира во 1993 година и тука е крајот на серијалот. Режисерот Чалиќ во една пригода ќе изјави дека да бил Гидра жив, ќе се снимеле уште продолженија, но него никој не може да го замени и затоа со неговата смрт завршува и приказната за „Жикина династија“.
-Покрај Гидра, главните улоги ги толкуваат и Јелена Жигон и Марко Тодоровиќ, во филмот Јелена и Милан Тодоровиќ. Поради големите обврски на Гидра, кој во 1984 година ќе сними осум филма, снимањето на седмото продолжение било откажувано неколку пати. Марко Тодоровиќ не можел да го толерира тоа повеќе, па му рекол на режисерот дека ќе мора да продолжат без него и дека тој ја откажува својата улога. Сепак, Гидра успева да најде начин да го започне снимањето, а Зоран Чалиќ после неколку обиди успева да го убеди Марко да се врати во екипата и конечно во 1985 година ќе се реализира „Жикина династија“.
-Една од ретките промени во актерската екипа, посебно онаа главната се случува со заминувањето на жената на Жика Павловиќ – Дара, која ја толкува актерката Дара Чалениќ. После третото продолжение Дара заминува од проектот, поради одлуката да го придружува сопругот во САД, каде тој предава филмска режија на Хардвард. Дара во сценариото, умира како последица на пад додека чисти прозорци, па веќе во следното продолжение на нејзино место се појавува актерката Весна Чипчиќ, која ја толкува „фрау Елза“, пријателката на Жика од Германија.
-Малкумина знаат дека во серијалот се појавува и вистинската сопруга на Драгомир Бојаниќ – Гидра. Се работи за актерката Лилјана Контиќ. Со Гидра се запознаваат на Академијата за драмски уметности во Белград, а нивната љубов е позната како мошне темперамента. Во прилог на тоа оди и информацијата дека три пати се венчавале, а нивната љубов траела 30 години, од која имаат и ќерка Јелена. Лилјана во серијалот ја толкува професорката по музичко на Миша и Наташа.
-Убавата Русинка Наташа ја толкува актерката Гала Виденовиќ и е единствениот лик што нема презиме. Интересно е и тоа што повеќето ликови во серијалот ги носат своите имиња или презимиња.
-Риалда Кариќ е вистинското име на Марија Тодоровиќ, големата љубов на Боба Павловиќ. Кога се снима првото остварување, Риалда има само 14 години и нејзиниот прв бакнеж со машко е токму со актерот Владимир Петровиќ односно Боба. По завршувањето на серијалот, Риалда долги години работи како известувач за „Би-би-си“ во Лондон, а денес е познат психотерапевт. Владимир пак, не ја продолжува актерската кариера, туку долги години работи како тонец во едно српско радио, а има и своја маркетинг агенција.
извор: wikipedia.org; danas.rs; telegraf.rs; blic.rs; imdb.com; youtube.com; facebook.com/Bojanic.Gidra;