Легендарниот Дејвид Боуви не престанува да ги изненадува своите обожаватели. Откако пред две години објави дека ќе се пензионира, го издаде албумот Nothing Has Changed, а сега подготвува мјузикл, со наслов Lazarus.
Шеесет и осум годишниот музичар ја најде инспирацијата во новелата на Волтер Тевис, The Man Who Fell to Earth, од 1963 година.
За потсетување, Боуви во 1976 година беше дел од адаптацијата на Николас Роег на истата новела, толкувајќи го ликот на вонземјанинот Томас Њутон, кој доаѓа на Земјата да бара вода за неговата планета. Но, овој пат нема да се најде во улога на актер.
Поставката ќе вклучува и нови песни од Боуви кои тој специјално ги компонираше за шоуто, како и нови аранжмани на песните употребени во филмот од 1976 година.
Мјузиклот ќе биде дел од програмата на New York Theater Workshop за 2015/16 година.
-Тоа ќе биде драма со ликови и песни. Јас го нарекувам музички театар, но навистина не знам како ќе изгледа. Имам комплетна доверба во неговата креативна визија – вели директорот на Њујорк Театарот, Џејмс Никола.
Инаку, Боуви не е првата рок ѕвезда што се обидела да се изрази на театарската сцена. Kinky Boots на Бројдвеј ѝ донеса на Синди Лопер Тони награда. Елтон Џон имаше успех со The Lion King. Но, не сите рок музичари доживеаја успех.
Стинг со The Last Ship, како и Боно со Spider Man: Turn Off the Dark, се соочија со поинаков резултат. Се надеваме дека тоа нема да му се случи на Дејвид Боуви.