Разговор со Михаелa Пехчевска, специјален дуткатор и рехабилитатор

Доцнење во развојот кај деца: Родителите не треба да го кријат проблемот, ниту детето

11 август 2021

Неретко, макар низ интеренет просторот, можеме да се соочиме со судбините на родителите кои имаат деца со попреченост (физичка или ментална), а со тоа кои имаат потреба од стручен кадар кој би ги придружувал на наставата (најчесто специјален едукатор и рехабилитатор) и кој би им помогнал полесно да учат.

Инклузивно образование е се’ уште само синтагма за која одвреме – навреме се зборува, но се’ уште не се применува. Од друга страна, проблемот е и недостатокот на стручни лица, посебно логопеди и дефектолози, дополнително го усложнува образовниот процес за оние на кои ваквата помош им е неопходна.

Ние неодамна поразговаравме со Михаела Пехчевска, дипломиран дефектолог. За тоа зошто одбрала да го работи ова, што да преземат родителите кога ќе се соочат со задоцнет развој на детето, кога е време за грижи, а кога не, читате во продолжение:

Михаела Пехчевска, фото: приватна архива

 

Која беше причината или желбата да се запишете на дефекетологија?

Отсекогаш знаев дека ќе работам со деца, бидејќи секогаш сум чувствувала голема љубов кон сите деца буквално. Другата причина за истата одлука е тоа што поминав еден пат низ кој не би сакала никој да помине, како мала ја победив крволочната болест- леукемија.  Затоа знам колку е важно во тие моменти да има некој кој што ќе те разбере и воедно помогне.

Кога го завршив средното образование, (средно медицинско училиште) сфатив дека треба да продолжам со тоа што го сакам бидејќи сметам дека само тогаш ќе имам најголем успех и  уште 100 пати да се родам повторно истото ќе го работам.

Сметам дека кога еден човек го работи тоа што го сака и што го исполнува, има многу големи успеси и позитивни резултати.  Знаејќи колку мене ми беше важно присуството на стручно лице, немав никакви двоумења околу тоа да запишам Дефектологија.

За оние што можеби првпат се сретнуваат, објаснете ни ја накратко Вашата работа...

Во моменов работам како специјален едукатор и рехабилитатор во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас, според новата терминологија, односно како дефектолог, според „старата“. Работам како СЕР во областа на рана интервенција со дечиња од 0-3 годишна возраст кои имаат проблеми во говорно јазичниот дел. Во моментов завршувам магистерски студии во областа на Специфични тешкотии во учењето...

Раната интервенција е од клучен фактор за едно дете кое што има отстапки во развојот. Колку порано се започне со третман толку поголеми и подобри резултати ќе имаме кај детето. Пред да се започне со рана интервенција, многу е важна детекцијата или откривањето дека детенцето има отстапки во било кој сегмент од развојот, потоа е многу важно родителот да го прифати фактот дека детето има отстапки во развојот бидејќи тоа, слободно можам да кажам, е најважната алка во целиот овој процес.

Каква е улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор во третманот со едно детенце?

Првин, многу е важен пристапот кон едно дете, да се прифатите еден со друг, потребно е специјалниот едукатор и рехабилитатор да му подари љубов на детето со кое што работи и на тој начин детето ќе се чувствува сигурно и безбедно и самата работа ќе биде со поголем и подобар ефект и резултат. 

Потоа, да помогнеме и да го олесниме тој процес на учење со прилагодување на содржините на нивните потреби и можности.

Како најчесто се манифестираат првите знаци на доцнење при развојот?

Секое дете си достигнува развојни милјеа, кои се слични според сите скали за процена  - кога треба детето да седне, да прозбори, да прооди и слично -  ние како стручни лица дозволуваме и отстапки од неколку месеци, но сепак доколку некое дете не ги постигнува овие развојни милјеа на одредена возраст, треба да крене црвено знаменце. Доколку родителот забележи дека детето отстапува од развојот, потребно е веднаш да се консултира со стручно лице кое што се занимава со таа проблематика. Кога велам отстапки во равојот конкретно мислам на :

- Когнитивниот развој

- Говорниот развој

- Социо – емоционалниот развој

- Моторичкиот развој

- Сензорните вештини

Многу е важно родителите да се свесни и да знаат дека секое дете е приказна за себе како и неговиот развој, многу е тешко да се најдат две исти деца односно деца кои што се развивале и растеле идентично.

Кога развојното доцнење не е причина за сериозна загриженост , а кога е знак на некоја можеби, дополниелн состојба ?  Каде родителите најчесто грешат?

За ова прашање не постои еден генерален одговор, како што спомнав пред малку, секое дете е различно и секое дете се развива по одреден тек. Потребно е да се направат сите процени (формални и/или неформални ) па потоа да се увиди дали има причина за загриженост, доколку постои, мојот совет е секакко да се консултираат и советуваат исклучиво со сручни лица кои што работат со таа  проблематика.

Како треба родителите да се однесуваат кога ќе забележат дека нивното дете има потешкотии во било кој сегмент од целокупниот развој (моторика, когнитивни вештини, говор, сензорни нарушувања, социо-емоционални проблеми и сл)?

Родителите, без разлика дали детето има тешкотии во развојот или развојно доцнење секогаш треба да се однесуваат кон своите деца со емпатија, љубов и да бидат респонсивни. Во случај  родителите да се соменваат дека децата не ги постигнуваат развојни милјеа тогаш треба да се обратат за совет од стручни лица

Друга исто така важна работа, која што сакам да ја посочам е тоа дека, родителиите не треба да го кријат тоа, ниту пак да се срамат од истото. Јасно ми е дека во нашето општество има голема стигма и предрасуди на оваа тема, но само со здрав и отворен пристап верувам дека истите можат да бидат срушени.

Колку денешните гаџети , гледањето во телефон или компјутер придонесуват промени во развојот?

Ова е доста интересно прашање кое многу често и се поставува. Сметам дека телефонот или компјутерот играат голема улога во развојот на децата. Сѐ почесто сме сведоци како децата се зависни од телефоните и го користат во текот на целиот ден.

Многу често гледам како децата уште пред петтата година, наместо соодветна играчка за нивната возраст, ти ги користат телефоните. Ова секако дека не е дозволено и секогаш ги советувам родителите дека користењето на телефоните особено пред петтата година на детето можат да го зааменат со некаква игра или пак прошетка. Со корисењето на телефоните, децата стануваат зависни од истите, ја губат креаивноста, доаѓа до недостаток на социјални вештини, проблеми со физичкото здравје и др.

 Исто така, има големо влјание и врз раниот детски развој.

Постои ли некоја статистика за тоа кај колку децата се јавува задоцнет развој во споредба од пред 10 или 20 години?

- Трудовите во оваа област, во светски рамки забележуваат пораст. Постои голем пораст на деца со АСД и деца со проблеми во говорно-јазичниот развој.Но, покрај тоа што бројката е зголемена, теориите одат и во прилог на тоа дека постои поголема свест кај родителите за рано тестирање со цел и понавремен третман. 

Објавено:
11 август 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.006 пати