„Портретните сеќавања“ на Јана Манева – Чупоска допираат до сеќавањата на секој од нас

13 јануари 2015

Пријатели, љубители на уметноста од различни возрасти вчеравечер го исполнија топлиот и интимен простор на галеријата на НЛБ Тутунска Банка. Поводот беше изложбата на уметницата и декан на Факултетот за Арт и дизајн при Европски универзитет Јана Манева - Чупоска, а насловена како „Портретни сеќавања“.

Нејзините портретни сеќавања всушност побудија сеќавања и кај секој од нас. Претставени преку комбинација на различни техники, како цртеж на хартија која во друг контекст би имала сосема различна вредност и толкување, рачни изработки кои некогаш имаа голема вредност, а денес се соочуваат со поинаква реалност, надополнети со предмети што беа дел од едно друго време а ставени сега во едно сосема друго, направија интимното сеќавање на Јана да допре до сите.

Во изложбата нè воведе  м-р Нада Пешева, ликовен критичар и историчар на уметноста.

Нада Пешева со Јана Манева - Чупоска Нада Пешева со Јана Манева - Чупоска

- Во добата на дигитални технологии и постојано редефинирање на предметот на уметноста и опфатот на нејзините граници, интересот на авторката Јана Манева – Чупоска, се врти кон асоцијативните форми кои ги побудуваат во нас „ заспаните“ навидум подзаборавени, но дефинирани архетипови, предавани од колено на колено, како дел од една колективна меморија поврзана со прашањето на културните и етно –идентитети. „Портретираните сеќавања“ сепак ние не можеме да ги дефинираме строго во физичките и етничките граници на нашето битисување и постоење. Изложбата нуди приказ на една колективна културна меморија, која се поврзува со нас и нашиот (македонски, балкански) бит, но опстојува и во границите на една поширока (европска, светска) култура – објаснува Пешева и во каталогот.

Со оглед дека оваа изложба содржи комбинација на повеќе техники и медиуми  - цртеж, дигитална фотографија, како и видео материјал со кој се комплетира визуленото и содржинското значење на претставените дела, Пешева потенцираше и на функцијата на фотографијата:

-Претставите на анахроните ликови, својствени за старите фотографии може да ги третираме како дел од една наша колектiвна меморија, овековечена преку фотографски објектив, но и како своевидна временска машина.

„Уметноста е ќерка на сеќавањата“ рекол Есхил, а на тоа нè потсети и писателот Јордан Плевнеш, кој на еден посебен и нему својствен начин ја отвори изложбата.

Преку убав пишан збор, Плевнеш побуди сеќавања на нивната прва средба во Париз, нејзиниот развој како уметник и легитимноста со која таа се поврзува со разни гранки на уметноста.

Јордан Плевнеш Јордан Плевнеш

Токму оттаму мора да се нагласи дека Јана Манева Чупоска и овој пат не избега од дизајнот, но и фолклорот, претставени сега преку дела што се врзуваат за ентериерот. Сепак, оди и чекор понатаму со создавањето на видео презентација, со што ги спојува не толку далечното минато и сегашноста.

Нејзините сеќавања на мигови, состојби, емоции, пориви се споија со нашите, предизвикани од она што визуелно го восприемивме и остварија подлога за продолжение на овој циклус, кој веруваме дека на вистинскиот начин ќе се водими  - и просторно и уметнички.

Инаку, за потсетување, „Портретни сеќавања“ имаше премиерно претставување во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, а ќе биде претставена и во уште неколку градови.

Објавено:
13 јануари 2015
Категорија: 
Култура