Шест лекции за декорација во домот од дизајнерката Џени Кејн

26 септември 2014

Американската дизајнерка Џени Кејн преку примери од својот рустично декориран дом во Калифорнија, советува како да го промените вашето секојдневие во домот преку шест лесни и функционални совети што придонесуваат за позитивна енергија и атмосфера. Покрај тоа што ќе можете од фотографиите да го разгледате нејзиниот современ и естетски префинет дом, се надеваме истите ќе ви помогнат и Вие да направите значајни промени во местото каде поминувате најмногу време.

 Дозволете природата да го има главниот импакт

Ако изминатиот летен период сите ваши зелени растенија го красеа балконот или дворот, сега откако температурите се намалија, време е да ги селектирате оние што ќе ја разубавуваат внатрешноста од домот. Никогаш не натрупувајте со премногу саксии за просториите да не заличат на џунгла, посебно ако просторот е со мала квадратура. Дизајнерката Кејн објаснува дека оние зелени растенија кои виреат и на студено можете да ги поставите пред влезната врата.

Работната соба декорирајте ја со украс кој сентиментално ви значи

Повеќето од нас и по завршувањето на работното време повторно поминуваме во работатна позиција. Тогаш концентрацијата е најмала, затоа мора да создадете амбиент кој ќе ве мотивира. Дизајнерката препорачува работната соба да ја декорирате со предмети што имаат сентиментално значење, а сепак се надополнуваат со стилот на просторијата.

Мебелот усогласете го со останата декорација и тоа според боја и текстура

Од примерот на фотографијата, рустичната столица во целост ја заокружува естетиката со сликите закачени на ѕидот. Во вашиот случај не мора да биде исто, но потрудете се да најдете сличности од предметите што веќе ги имате  и променете ја нивната поставеност.

Имајте индивидуален став кон трендовите

Никогаш не се потпирајте на она што го имаат останатите. Вашиот дом секогаш треба да зрачи со истата енергија како и вие. Затоа потрудете се да ги најдете  спецификите во однос на декорациите, а како инспирација може да ви послужи гардероберот. Разгледајте што најмногу преферирате да носите и пробајте истите бои и текстури да ги вметнете на одреден начин.

Темните ѕидови може да изгледаат магично

Добро познато е дека белата боја го отвора просторот и му дава светлина. Но, доколку имате просторија во поголема квадратура слободно можете да си играте и со темните нијанси. Собата ќе изгледа мистично, а вие ќе се чувствувате дека владеете со сопствената домашна империја.

Усогласете ги играчките на вашите деца

Ако насекаде низ домот имате постојан неред од играчки, не мора да се нервирате и да ги собирате. Потрудете се уште кога ги купувате тие да се надополнат со останатиот ентериер, можеби тогаш и нема да ви изгледаат дека се главните причинители за хаосот.

Објавено:
26 септември 2014
Категорија: 
Култура