Утре заедничка ударна акција за расчистување на теренот

12 август 2016

Членовите на групата „Humanitarna pomos za poplavenite semejstva vo Skopje“ ги повикуваат граѓаните на Република Македонија, физички и здравствено подготвени, на Заедничка ударна акција за расчистување на теренот на сите критични точки, на 13 август 2016 година (сабота). 

Истовремено со оваа акција, координирано, на друга локација ќе се организира централен пункт за собирање хуманитарна помош кој ќе биде поставен во центарот на градот, на Сквер Јадран. Повеќе информации за тоа на линкот овде.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното соопштение:

„Увидот на теренот покажува дека само така, со организираност, координираност, масовност, и голема екипираност ќе можеме да успееме да се расчисти теренот и да се спречат опасностите коишто можат да следат ако тоа не го сториме веднаш. Сега, таму сме најпотребни! 

Потребно е сите граѓани да започнат да доаѓаат на зборното место „Веро Центар“ („Веро Џамбо“) од 8 часот наутро, по што организирано и координирано ќе се упатуваат на критичните точки, според утврдена листа степенот на алармантност на ситуацијата на теренот. Превозот ќе поаѓа по исполнувањето на капацитет на секое возило (автобус, минибус или комбе). Расчистувањето ќе трае најдоцна до 19 часот, поради потребната видливост на теренот.

извор: Facebook

Увидот на теренот покажува дека потребниот број луѓе за расчистување на сите критични точки е многу поголем од оној што до местата може да се упати со јавниот превоз или индивидуалните возила. 
Затоа, јавно ги повкуваме сите приватни превозници и туристички агенции од Република Македонија, да се вклучат во оваа акција и сите свои автобуси, минибуси и комбиња, коишто не се користат за редовен превоз на 13 август 2016 година да ги упатат пред „Веро Центарот“ во Скопје (обезбеден паркинг) и да овозможат во текот на целиот ден да превезуваат граѓани до и од критичните точки, до локациите до коишто полицијата дозволува пристапност. Сигурни сме дека ќе ја покажат својата човечност и етичност и ќе ги испратат возилата што им се на располагање, бидејќи ниту еден друг ангажман и ниту еден друг личен приротет на приватните превозници, во овие денови, не треба да е поприротетен од помагањето во расчистување на сите критични точки. Исто како што за секој физички и здравствено подготвен, етичен, човечен граѓанин на Република Македонија, во овие денови, најприоритетно е секогаш кога може да биде онаму каде што е најпотребен – на терен!

фото: Роберт Атанасовски

Сите приватни превозници што го прифаќаат јавниот повик, за повеќе информации и најава, како и сите поголеми групи на граѓани коишто го прифаќаат повикот за учество во оваа масовна и координирана акција, во секое време можат да се обратат на телефонскиот број: 076 456 345. 

Сите граѓани што поседуваат соодветна опременост (чизми, лопати, копачи, вили, работнички колички, заштитни ракавици, медицински маски), неопходно е да дојдат со неа, а за сите граѓани што немаат ваква опременост, известуваме: поседуваме поголем број опрема која што ќе им биде дадена пред упатување на терен.

фото: Роберт Атанасовски

Да покажеме дека сме ТУКА! СО ЛОПАТА ВО РАКА!

Инструкции за сите граѓани коишто ќе се упатат на терен:

- Доколку поседувате, носете ваш алат. Најпотребни се лопати, копач и вила. 

- Задолжително работете со заштитни ракавици (колку може повисоки, идеално до лактот), заштитна маска и гумени чизми. 

- Доколку при работењето се испотите, не си го бришете лицето со раце, користете крпа која ќе ја допирате само со чисти раце. 

извор: Facebook

- Доколку се повредите, веднаш измијте ја раната со голема количина чиста вода (флаширана) и санирајте ја раната. Доколку имате отворена рана, препорачливо е да ја напуштите областа и да посетите лекар. 

- Консумирајте многу вода (флаширана) и други течности. 

- Немојте да работите гладни. 

- Наполнете ја батеријата на телефонот пред излегување од дома. 

- Доколку се извалкате со кал, потрудете се да не се допирате по лицето и измијте се веднаш. 

- СЕКОГАШ МИСЛЕТЕ НА СВОЈАТА БЕЗБЕДНОСТ. ПОПЛАВЕНИТЕ ОБЈЕКТИ СЕ СТРУКТУРНО НЕСТАБИЛНИ.

Објавено:
12 август 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.776 пати