Актерките на писта, манекенките во филм

8 јули 2015

Не е невообичаено тоа што повремено гледаме познати личности, најчесто актерки или пејачки, на модните писти или манекенки кои се појавуваат во некоја споредна улога на големото платно, но необичното е што оваа „трампа“ преминува од инцидентна во пракса.

Модната сцена бара адреналин, возбуда, а филмското платно совршено убави лица. Се менува ли вредносниот систем во двете индустрии и како тоа ќе влијае на глобалната слика?

Да се биде револуционерен во модата денес е реален предизвик. Вистинските генијалци и уметници во модниот свет се заслужни за целата возбуда во таа вонземска димензија, но притисокот на времето, реалноста и проблемите со кои се соочува целото општество продираат низ таа магична заштитна мембрана на уметничкиот свет на дизјанерите. Тогаш, се случува креативноста да се замени со шоу, спектакл. Тоа апсолутно не значи обезвреднување на дизајнерското дело, туку напротив, инстинктот да се остане видлив и незаборавен, понекогаш го бараат надвор од својот дизајнерски круг, па целата слика на својата креаторска идеја имаат потреба да ја финишираат со лица кои имаат свој идентитет и јавноста ги обожава. Така познати актерки и актери, музичари и пејачки, на писта и во модните кампањи ги заменуваат манекенките со совршени-односно пропорции според стандардите на модната индустрија. Така можеби дизајнерите стануваат поблиски со својата клиентела, со жените кои не се вртоглаво високи или оние кои имаат изразени облини, но и со оние кои се идентификуваат со познатите лица ангажирани во нивните кампањи.

Од друга страна пак, филмската индустрија, особено Холивуд е фокусриана на естетиката на сметка на содржината. Секако со исклучоци, но во Холивуд важи правилото: добриот физикус може да значи прогледување низ прсти во однос на (не)талентираноста. Факт е дека постојат маестрални актерски имиња кои се исклучително талентирани, а истовремено совршено изгледаат, но се почесто мејнстрим филмовите се како слики во движење од моден магазин, каде суштинската тематика ако воопшто постои е оставена за последните страници.

Деновиве една од најактуелните вести што ги поврза модната и филмска индустрија е Кара Делевињ, која во зенитот на својата манекенска кариера, муза на Карл Лагерфелд, заштитно лице на козметичката линија на „Ив Сен Лоран“ одлучи да ги напушти модните писти и како што и самата изјави да се посвети на нејзината актерска кариера. Информацијата беше потврдена и со тоа што нејзиното портфолио беше острането од нејзината матична модна агенција Storm. За неа овој потег е нож со две острици. Доколку е навистина талентирана и вложи во својата актерска кариера и се „подредат сите коцки“, тогаш и се предвидува „бесмртност“. Но, голем број вакви обиди завршиле неславно, како оној на супермоделот Синди Крафорд во доцните 80-ти и раните 90-ти, која и откако се обиде како актерка, сепак остана запаметане како топ моделот Синди Крафорд.

Кара Делевињ пак, не ја видовме ниту на спектакуларната ревија на Шанел, каде обично таа беше главна ѕвезда. Овој пат, во казиното на Шанел на  рулетите седнаа Џулиен Мур, Рита Ора и Кристен Стјуарт и тие сега беа носечките ликови на ревијата додека околу нив парадираа манекенките на Карл Лагерфелд.

Никогаш не постоело остро разграничување во креативните индустрии, напротив секогаш ги поврзувале ликови, теми, меѓусебно се инспирирале. Но, секогаш постојат непишани правила кои ги поставуваат стандардите. Очигледно, стандардите и во модата и во филмот се менуваат, се прилагодуваат, се трансформираат, доживуваат поинаква димензија или преживуваат – зависи од кој агол ги гледате промените.

Објавено:
8 јули 2015
Категорија: 
Колумни