Модниот бренд „Баленсијага“ во својата понуда има кошула од фланел, која всушност и не е баш кошула. Се работи за „Men's Knotted Shirt“, која всушност не може да се носи како и секоја друга кошула, туку е дизајнирана како моден додаток кој можете да го врзете околу половината.
Ова парче за првпат е прикажано како дел од „Red Carpet“ колекцијата на „Баленсијага“ за пролет 2022 година.
Нема јака, ниту пак раменици. Ракавите можат да се врзат, но низ нив не можете да ги протнете рацете. Како велат од брендот, кошулата може да се одржува само со хемиско чистење.
Има извезено лого од едната страна, направена е од 100% органски памук, одгледуван без штетни пестициди, што за едни ја оправдува цената од 1.000 долари, додека други пак сметаат дека тоа е премногу за парче кое само можете да го врзете околу половина.
Без разлика на размислувањата, побарувачката е голема и ова парче претендира да биде едно најпопуларните сезонава.