Најновата колекција за актуелната сезона пролет-лето 2014 на младата модна дизајнерка Ирина Тошева доби и своја фотографска приказна. Откако пред само неколку дена, колекцијата насловена како „Cloud 9“ беше претставена со ревија во рамки на Модниот Викенд Скопје, креативната дизајнерка сега создаде одличен лукбук за истата.
Следната промоција на колекцијата ќе биде на популарната модна манифестација „Balkan Fashion Emotions Days“ која што се одржува месецов. Пролетните модни парчиња на Тошева се достапни на меѓународниот пазар преку првата македонска интернет продавница за еко мода bastetnoir.com.
Инаку, како што и самата дизајнерка појаснува, насловот на нејзината колекција „Cloud 9“ претставува дефинирање на еуфоричното чувство на лебдење во воздух во моменти на среќа.
„Колекцијата нè води на прошетка во еден подзаборавен орман. Бев инспирирана од избледените семејни фотографии преку кои што ги запознав своите родители во нивната младост“, вели младата дизајнерка.
Линијата вклучува 14 изгледи за жени и за мажи. Во духот на носталгијата за далечните ’70-ти, застапени се и графички принтови на памучни ткаенини во жолта, сина, зелена и розова боја.
Портфолиото на Тошева брои шест колекции, десет фотосесии, четири костимографии и осум самостојни ревиски претставувања како во матичната земја, така и во странство. Таа е ко-основач и директор на младинската организација „Млади за љубов“, позната по својата филантропска кампања „Гратис Гушкање“.
Облечете се во ритамот и боите на природата и дозволете им на вашите сетила да го прифатат предизвикот. Оживејте го вашиот модерен пулс следејќи го чекорот на вашите родители и носејќи го на себе сјајот на нивната младост. Ставете ги калеидоскопските очила и нурнете се во богатата плејада на ретро дезени и опојниот чад во сина, жолта, зелена и розова боја. Создадете вистинска слика за вас и вашето модно постоење.
Фотограф: Фросина Илиевска
Шминка: Виктор Мирчески
Фризура: Studio Allure
Модели: Елена Гугоска, Кјара Гоља, Ана Ежова, Марко Аврамовски
Постпродукција: Кристина Манчева и Фросина Илиевска