Лејди Гага на „Супер Боул“: Еднаквост помеѓу различните!

6 февруари 2017

Вчеравечер по 51-ви пат се случи еден од најспектакуларните спортски настани, американскиот „Супер Боул" што телевизиски го проследија околу 130 милиони американски гледачи и важи за едно од најзначајните негови изданија, пред се поради актуелната политичка ситуација во САД.

Колку што е спектакуларен спортскиот натпревар што годинава се играше помеѓу Њу Ингланд петриотс и Атланта фалконс, исто толку значајно е и големо шоуто на полувремето, чија ѕвезда во вистинска смисла на зборот беше поп иконата Лејди Гага.

Пред нејзиниот настап, нашироко се дискутираше дали таа ќе му даде политички контекст на својот перформанс и директно ќе му се обрати на новиот претседател Доналд Трамп, но тоа не се случи, барем не во директна форма. Но, затоа пак главната порака што таа ја упати пред милионскиот аудиториум се однесуваше на инклузијата во општеството и еднаквоста помеѓу различностите, што многумина го протолкуваа како „читај меѓу редови".

Во однос на визуелното доживување на перформансот на Гага, може да констатираме дека е едно од најатрактивните, до толку што може да се спореди и со онаа на Мајкл Џексон во 1993 година.
Гага буквално слета на стадионот во Хјустон, додека позади неа 300 светлечки дронови го формираа американското знаме. За време на своето 13 минутно шоу изведе дел од нејзините најголеми хитови, „Poker Face", „Born This Way" како и најновиот „Million Reasons". На себе носеше футуристички светкав костим од Версаче украсен со Сваровски кристали, што беше и очекувано од ѕвезда која се прослави покрај другото, благодарение и на својот ексцентричен имиџ.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата, како и највпечатливите моменти од перформансот на Гага на полувремето.

 

 

Објавено:
6 февруари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
414 пати